Координативното тело за организирање на посетата на Папата Франциск на државата, информира дека за време на Апостолската посета на Папата, на територијата на град Скопје и правецот од Меѓународниот аеродром Скопје до центарот на градот, ќе важат посебни сообраќајни правила за движење на автомобили, како и посебни правила за движење на пешаците низ центарот на Скопје.
Посебни сообраќајни правила на движење на автомобили во централното градско подрачје во Скопје на ден 07.05.2019
Во централното градско подрачје во Скопје, поточно појасот “Голем ринг”, во вторник на 07.05.2019 година, од 06:00 часот до 19:00 часот ќе има забрана и ограничување на сообраќајот и истиот ќе биде пренасочен на сообраќајниците околу центарот во Скопје, со цел непречено одвивање на истиот.
Поточно, во овој временски период ќе се формира “Рестриктивна зона” на движење, во која за автомобили целосно ќе бидат затворени следните сообраќајници: Ул. ,,11ти Октомври” од крстосницата со бул. ,,Кочо Рацин” до крстосницата со ул. ,,Димитрие Чуповски”, ул. Даме Груев, ул. ,,Македонија”, ул. ,,Васил Главинов”, ул. ,,Филип 2ри Македонски”, ул. ,,Св. Климент Охридски” (адвокатска) и ул. ,,Иљо Војвода”.
Министерството за внатрешни работи го задржува правото за стационирање (стопирање) на сообраќајот во кратки временски интервали и на други сообраќајници, во времето на движење на Папата Франциск низ Скопје.
Сообраќајници по кои ќе биде дозволено движењето на возилата кои се движат во редовен сообраќај со цел да се овозможи непречено одвивање на сообраќајот за време на официјалната посета на Папата, се следните: бул. ,,Кочо Рацин”, ул. ,,11-ти Октовмри” од крстосницата со бул. ,,Кочо Рацин” до крстосницата со бул. ,,Борис Трајковски”, ул. ,,Св.Кирил и Методиј”, бул. ,,Св. Климент Охридски”, бул. ,,Партизански Одреди”, ул. ,,Самоилова” и бул. ,,Гоце Делчев”.
Aпелираме до граѓаните на стрпливост и почитување на поставената сообраќајна сигнализација и наредбите што ги издаваат полициските службеници.
Граѓаните коишто живеат во централното градско подрачје, во зоната Голем ринг, доколку сакаат да ги користат своите возила на ден 07.05.2019 (вторник), апелираме истите да ги извадат надвор од Рестриктивната зона на 06.05.2019 година (понеделник), во спротивно истите нема да можат да ги извадат од зоната за време на посебниот сообраќаен режим од 06:00 до 19:00 часот на 07.05.2019.
Сите паркинзи на ПОЦ (Општина Центар), ЈП Градски Паркинг и АДСПС во Градот Скопје ќе бидат бесплатни на 06.05.2019 година после 17 часот, како и на 07.05.2019 во текот на целиот ден.
Понатаму, апелираме до сите граѓани кои живеат на територијата на Град Скопје, на 07.05.2019 да го користат јавниот автобуски превоз при упатувањето кон своите работни места и да избегнуваат користење на автомобили. Користењето на автобусите на ЈСП на територија на Град Скопје ќе биде бесплатно за сите граѓани кои со себе ќе имаат важечки документи за идентификација. Посебниот автобуски возен ред за 07.05.2019 наскоро ќе биде објавен на веб-страната на ЈСП www.jsp.com.mk, Град Скопје www.skopje.gov.mk, како и на официјалната веб-страна за посетата на Папата Фрациск www.papa.mk.
Посебени сообраќајни правила на движење на автомобили на трасата од Меѓународниот аеродром Скопје до централното градско подрачје на Скопје на ден 07.05.2019 година
Во временските интервали од 07:30 часот до 09:00 часот, како и од 17:00 часот до 18.30 часот, сообраќајот по бул. Александар Македонски од излезот на Скопје во Автокоманда, кон аеродромот, ќе биде затворен во двете ленти на булеварот и истиот ќе биде пренасочен по споредни сообраќајници.
На трасата Велес – Скопје, во овој временски интервал, сообраќајот за влез и излез во Скопје ќе се одвива преку трасата Миладиновци- Идризово – Маџари.
На трасата Куманово – Скопје, на клучката Миладиновци [кај Рафинеријата], сообраќајот ќе се пренасочува кон Обиколницата на Скопје, на која прв дозволен влез во градот Скопје ќе биде на клучката кај Радишани.
На трасата Куманово-Велес ќе има кратко стационирање (застој на сообраќајот), во двата посочени временски интервали.
Апелираме до сите граѓани кои планираат да поминуваат на овие три правци, да излезат од своите домови еден час порано од претходно планираното, со оглед што движењето по споредните сообраќајници може да трае подолго од планираното. Истото важи и за сите граѓани кои на 07.05.2019 имаат лет преку Меѓународниот аеродром Скопје.
Апелираме сите граѓани кои ќе патуваат кон Скопје тој ден, да го користат железничкиот превоз. На 07.05.2019 железничкиот сообраќај кон Скопје и надвор од Скопје ќе биде бесплатен за сите граѓани. Посебен возен ред на возови за 07.05.2019 ќе биде објавен на сајтот на Железници на Република Северна Македонија www.mzt.mk, Град Скопје www.skopje.gov.mk , како и на официјалната веб-страна за посетата на Папата Фрациск www.papa.mk.
Посебени правила за движење на пешаци во централното градско подрачје на Скопје на ден 07.05.2019
За време на апостолската посета на Папата Франциск на Република Северна Македонија движењето во централното градско подрачје (познато како Мал ринг), за сите граѓани ќе биде непречено, но забавено, бидејќи овој појас ќе биде строго обезбедена зона. Тоа значи дека сите граѓани кои ќе пристапат во оваа зона во периодот од 6:00ч до 19:00ч на 07.05.2019, ќе мора да се идентификуваат со важечки документ за идентификација и да поминат низ безбедносни проверки.
Поради тоа, апелираме сите граѓани кои работат во оваа зона, да ги напуштат своите домови половина час порано од вообичаено на патот кон работното место, со цел да стигнат навреме.
Во зоната Мал ринг ќе се пристапува преку осум влезови на кои МВР ќе врши безбедносна проверка на сите граѓани, како и проверка на лична карти или пасош. Ова се единствените влезови во кои ќе се пропуштаат граѓаните кои ќе се упатуваат кон Плоштадот Македонија.
Влез кај Управен суд на ул. ,,Орце Николов”
Влез кај хотел Мериот на ул. ,,Максим Горки”
Влез кај кафе Тренд на ул. ,,Димитрие Чуповски”
Влез кај Министерство за финансии на ул.,,Даме Груев”
Влез кај Завод за статистика на ул. ,,Даме Груев”
Влез кај Пелагонија на ул.,,Димитрие Чуповски”
Влез кај Порта Македонија на ул. ,,11 Октомври”
Влез на предната страна од ГТЦ кон Плоштад
Апелираме до сите граѓани кои ќе се упатат кон Плоштадот Македонија за учество на литургијата на Папата Франциск, да пристапат во својата зона преку влезот кој е одреден на бесплатниот билет. Билетот потребно е да се чува со себе се до крајот на литургијата.
Пешачките мостови на реката Вардар (Камениот мост, Мостот Око и Мостот на уметноста) ќе бидат целосно затворени за движење, како и Кејот ,,13 Ноември” од двете страни на реката.
Сите граѓани кои живеат или работат околу Плоштадот „Македонија“ ќе имаат непречен пристап до своите живеалишта, односно места на работа, преку поминување на еден од одредените влезови. Важно е со себе да носат документ за идентификација. Внатре во зоната ќе имаат слободен пристап до сите локации, освен во затворената зона на самиот плоштад, за која е потребна влезница за учество на литургијата. Пристапот за моторни возила, велосипеди, мопеди и слично е забранет во обезбедената зона Мал ринг.
7 мај е работен ден при што за сите државни и приватни капацитети ќе бидат обезбедени потребните услови за работа.