Денеска е последен работен ден за претседателот Ѓорѓе Иванов, на кого мандатот му истекува во недела, кога функцијата треба да ја преземе новиот претседател избран на петти мај, Стево Пендаровски.
Како што дознава 1ТВ претседателот во заминување Ѓорѓе Иванов до службата за општи и заеднички работи, доставил барање за изнајмување на кабинет, а добил позитивен одговор. Засега не се знае каде ќе му биде канцеларијата. СОРЗ дала позитивен одговор, зошто буџетот за канцеларијата изнесува 8 проценти од годишниот буџет на претседателскиот кабинет, што е во согласност со постоечкиот закон.
Иванов до крајот на животот ќе користи месечна пензија од околу 100.000 денари, личен возач и лично обезбедување.
Иванов имаше два мандати како претседател, а ќе го замени Стево Пендаровски кој на вториот круг од изборите имаше 436.212 гласа или 51,66 отсто од гласовите на граѓаните кои излегоа на гласање, наспроти противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Гордана Силјановска Давкова, која освои 377.713 гласови или 44,73 отсто од вкупниот број.
Во 2014 тој беше кандидатот на СДСМ за претседател на државата, но на изборите загуби од Ѓорге Иванов со 398 илјади гласа.
По победата се заблагодари на граѓаните и кажа дека ќе биде претседател на сите, и претседател кој обединува.