УХМР предупредува: Се очекуваат поплави во Македонија


Доколку најавените врнежи дожд од 50 до 70 литри на метар квадратен паднат во период од 72 часа, не би требало да има никакви проблеми, но ако тие се случат локално, на помали сливни подрачја за краток временски период и со силен интензитет, тогаш се можни излевања, предупредува УХМР.

И последните направени анализи ја потврдуваат опасноста од поплави во регионот но овој пат и во Македонија што значи дека огромното количество на вода кое треба да го донесе моќната Андреа е веќе сигурно, а бурата територијата на Балканот и Македонија ќе ги зафати уште во текот на утрешниот ден и ќе услови поројни дождови, грмежи и засилен ветер. Локално, од утре, па натаму процесите ќе бидат доста интензивни и во форма на силно невреме проследено со обилни поројни врнежи од дожд, силни грмежи, силен ветер како и со појава на град кој локално ќе биде и доста интензивен. Поради падот на температурите на воздухот на високите места врнежите од дожд ќе поминат во врнежи од снег со што се очекува формирање на нова снежна покривка. Количеството на воден талог кое се очекува е огромно и тоа особено во Босна и Херцеговина како и во делови од Србија и Хрватска и тоа од 50 до 100 л/м2 локално дури и до околу 200 л/м2 воден талог со што и тоа како ќе се зголеми опасноста од локални поплави како и за зголемување на нивоата на реките и езерата а локално можни се и излевања, информира метеорологот Славчо Попоски.

Во Македонија исто така се очекува големо количество на воден талог и тоа на повеќе места над 50 л/м2 а локално дури и над 80 л/м2 воден талог со што има услови за локални поплавувања и зголемување на нивоата на реките и на езерата, локално има опасност секако и за излевање на истите па затоа крајна претпазливост.

Во случај на електрични празнења да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја додека пак овчарите своите стада овци да ги делат во помали групи со цел да ги заштитат.

Според информацијата од прогностичките модели, на целата територија на нашата држава е можна појава на интензивни локални врнежи поради што се препорачува внимателно движење покрај водотеците и суводолиците.

-Поизразени региони се крајниот запад, југо-запад и северо-запад, каде покрај можни локални излевања на помалите водотеци, можна е појава и на свлечишта и одрони, особено на патниот правец Маврово-Дебар-Струга. Покрај овој регион за особена внимателност од можна појава на локални излевања се и горните сливни подрачја на Вардар и Треска, сливните подрачја околу планината Кожуф и гевгелиско-валандовскиот крај, наведува Управата.

При евентуална појава на интензивни врнежи во градските средини, поради големиот процент на водонепропусност (бетонски и асфалтни површини), очекувани се брзи истекувања по улиците и појава на заезерени површини поради засипани со нанос шахти и одводни атмосферски канали. На одредени локации каде олуците се приклучени на обичната канализација можно е да дојде до поплавување на одредени подрумски простории поради преоптовареност на канализационите цевки.

Од Град Скопје апелираат граѓаните да ги пријавуваат проблемите на 193 и да не паркираат под дрвореди и близу одводните канали.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1