Граѓаните кои се исклучени од системот за парно греење, а добиле сметки за април да не ги плаќаат, апелираат од Регулаторната комисија за енергетика.
На прес-конференција денеска појаснија дека сметките ќе бидат сторнирани.
Исклучените од парното до крајот на мај треба да поднесат документација до БЕГ и да докажат дека живеат или ги издаваат становите за да бидат ослободени за плаќање.
Потребно е да донесат копија од лична карта, имотен лист не постар од еден месец, извод од матична книга на родени на лицето што живее во станот или договор за издршка доколку во него живеат родителите, како и сметки за платена струја од последните шест месеци. Доколку станот е издаден под кирија, покрај овие документи треба да достави и договор за закуп.
Во случаи кога БЕГ ги одбива барањата, оид Регулаторна посочуваат дека во вакви случаи граѓаните можат да поднесат претставка кај нив.
Истакнуваат дека дневно обработуваат 100-тина вакви претставки од исклучените.-Цените коишто ќе бидат одобрувани од Регулаторната комисија за енергетика ќе бидат пониски од цените коишто биле определени со претходната метеодологија. Реално, трошокот за транспорт низ државата кој што бил утврден низ 90-те години сега е далеку повисок. Ние добивме барање од компаниите да изнесува 0,8 или 0,85 денари. Ова е бизнис кој ние не го регулираме, но во изминатиот период правевме сериозни анализи и нема да биде прифатено ниту едното, ниту другото барање. Во однос на маржата добивме барање од 6,2, 6,5 итн. Ова се однесува на малопродажната маржа, која ќе биде под 5 денари – кажа Марко Мислимовски.