Од владејачката ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел за „Франкфуртер алгемејне цајтунг“ велат дека „не разбираат зошто е толку голем проблем одложувањето за три месеци на одлуката за преговори со Северна Македонија, особено што веќе е решено дека отворањето на првите поглавја од преговорите ќе се случи во декември“.
– Што се однесува до Северна Македонија, според моите сознанија и проценки, можам да кажам дека земјата на крајот на септември ќе добие согласност од мојата пратеничка група и од Бундестагот – тврди пратеникот на ЦДУ Јохан Вадефуп.
Притоа тој предупредува дека „не е од помош, ширењето страв од трети сили или земји“, по тврдењата дека одложувањето на одлуката за преговори може да ги засили активностите и апетитите на Русија и Кина во регионот, пренесува Дојче веле.
Вадефуп ги отфрла критиките кон Бундестагот за одложувањето на одлуката за старт на преговорите со Северна Македонија до септември.
– Ние имаме одговорност пред нашиот народ, особено кога станува збор за една позитивна одлука за почеток на преговори. Мораме на нашиот народ точно да му објасниме, зошто сме рекле Да“ – вели германскиот пратеник.