Судот во Будимпешта не ја одобрил екстрадицијата на екс премиерот Никола Груевски .
Како образложение било дадено дека условите од екстрадицијата не биле исполнети, пренесуваат дел од унгарските медиуми.
Собраниската расправа за изборот на нови министри тече во тензична атмосфера со обвинувања меѓу власта и опозицијата. Дел од расправата се и поранешниот премиер Никола Груевски и случајот со градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш.
Пратеникот Костадин Костадинов од СДСМ со фотографија од Груевски од судот во Будимпшта им порача на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да дојдат на власт се додека не се оградат од Груевски.
– Се дури не се оградите од овој човек со лисици, капче и наочари во суд во Будимпешта, се дури не се оградите од овој човек кој уште ви ги дава насоките како да постапувате преку неговата уста и очи кој се вика Христијан Мицкоски, нема да дојдете на власт. Граѓаните не сакаат да гледаат пак такво ВМРО-ДПМНЕ кое ќе биде главен уредник на вести и полицаец во МВР, кое ќе биде и прв судија, ќе монтира судски процеси. Граѓаните нема да го дозволат тоа, рече Костадинов.
На ова реагираше координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски кој рече дека СДСМ изгубиле многу гласови на последните претседателски избори.