Премиерот Зоран Заев вчера на прес-конференција ги охрабри судиите да одлучуваат строго по закон и Устав бидејќи, како што рече, не должат никому ништо. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски побара притвор за Катица Јанева, а пратеникот Костадин Костадинов пак побара одговор од Мицковски дали имал средба со еден од осомничените во предметот „Рекет“ .
Според Заев, многу случаи во минатото биле заташкувани, биле изменаџирани од извршната власт, од моќниците во државата за никој да не биде исправен пред можната одговорност преку правосудниот систем. Покажуваме, вели Заев, дека никој не е заштитен и дека секој ќе одговара ако се огрешил и кон секој ќе бидат отворени истраги ако постојат индиции за тоа. Премиерот потенцира дека доколку се докаже дека некој близок до власта или носител на функција се огрешил пред законот, таа блискост или поддршка може да заврши во истиот момент.
Заев пред новинарите изјави дека тој не се слушнал телефонски со обвинителката Катица Јанева, пред да и биде конфисуван мобилниот телефон.
„Рекет“ се совпадна со ненадејната оставка на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која како што изјави обвинителката Вилма Рускоска не е предмет на истрага, но сепак нејзиниот мобилен телефон бил конфискуван за да се утврди евентуалната комуникација меѓу неа и Бојан Јовановски.