Запленет имот на осомничените во Рекет


Дел од имотот на Зоки Кичеец падна во рацете на обвинителството. Доцна синоќа во Охрид е запленет глисер во сопственот на второосомничениот во случајот Рекет. Пловилото е одземено по налог на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Според информации во јавноста кои не ги потврдуваат во обвинителството, одземени се уште возила, мотори, и скутери за на вода чиј сопственик е Зоран Милески. Запленетиот глисер е сместен во охридската касарна и го обезбедува полиција.

Во меѓувреме првиот човек на МВР вели дека се зголемува бројот на бизнисмени кои пријавуваат дека биле жртви на осомничените во „Рекет“.

Министерот Спасовски исто како и обвинителката Рускоска, изјави дека не знае каде се наоѓа специјалната обвинителка Катица Јанева. Таа, непосредно пред обелоденувањето на Рекет, поднесе оставка.

Во обвинителството пак во тек е вештачење на мобилниот телефон на Јанева, кој е одземен во истрагата за случајот „Рекет“. Обвинителката Рускоска вчера изјави дека утре или задутре ќе заврши проверката на мобилниот телефон по што ќе се знае со кого комуницирала Јанева. Се проверуваат пораките испраќани преку мобилните апликации.

„Доколку се разговара на една од мобилните апликации, тогаш покажува само интернет, не покажува ништо друго. Вештачењето на било кој телефон, не само на овој, она што е разговарано, нормално не можеме да знаеме. Можеме да знаеме кој со кого разговарал ама пораките на било која од мобилните апликации може да се повратат дури и ако се избришани и да се прочита нивната содржина“, изјави Вилма Рускоска, шеф на Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Ставот на МВР е дека треба да се бориме радикално против криминалот и корупцијата и дека секој нелегално и бесправно стекнат имот треба да биде запленет и да биде конфискуван, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарското прашање кој е ставот на МВР за запленетиот имот во Охрид по налог на јавното обвинителство.

– Во сите години на независна Македонија имавме многу малку случаи на конфискација на имот. Тоа праќаше една порака до криминалните структури дека и покрај криминалните активности, стекнатиот имот, нема да биде конфискуван. сега начинот на работењето концептуално е сменет и кај МВР и кај Јавното обвинителство. Паралелно со сите постапки и истраги, се води и финансиска истрага и врз основа на наредбите кои ги добиваме од Јавниот обвинител, ние постапуваме и не само конкретно за еден настан или случај, туку за сите ќе се постапува така и понатаму и секој нелегално стекнат имот, мора да биоде вратен на државата, односно на граѓаните, изјави Спасовски, кој денеска присуствуваше на конститутивната седница на Совет за превенција на Прилеп.

На прашањето дали и колку бизнисмени досега во МВР пријавиле случај на изнуда или рекет, Спасовски вели дека има пријави и така треба да се постапува во случаите на изнуда и рекет.

-Имаме случаи на пријавување, не им го знам бројот во мкоментов. За се што е пријавено во МВР, ние сме дејствувале и дејствуваме. Во неколку наврати апелирав, а сега апелирам и посилно, затоа што сметам дека граѓаните сега се охрабрени да пријавуваат, затоа што институциите функционираат неселективно. Секој кој, од кој било аспект има закана, уцена или барање на некаков финансиски надомест, да го пријави случајот, а ние да го сработиме и да ја пратиме пораката до граѓаните дека во Македонија нема и не смее да има заштитени. Без разлика кој е или е близок на одредени политички структури, ќе мора да сноси одговорност. Има пријави, во моментот не ја знам бројката. цела година говорам дека обвинителството и судството мора да застанат на свои нозе и да ги отворат перспективите во борбата против криминалот, а драго ми е што за тоа имаме разбирање. Затоа е битно да се оддели доброто од лошото во институциите, а професионалниот кадар максимално да се заложи да ја преземе улогата на примат, потенцира министерот за внатрешни работи.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1