Ветингот во МВР помина во Влада – Спасовски најави дека ќе се спроведува од чистачка до министер


Ветингот на вработените во Министерството за внатрешни работи, за кој се говори веќе подолго време, а ресорниот министер Оливер Спасовски нагласуваше дека ќе се спроведува врз сите од чистачка до министер, вчера помина на владина седница.

МВР најдоцна до 20 август годинава треба да формира Работна група со задача да изготви Предлог-план на мерки, активности и динамика за спроведување на процесот што треба најдоцна до 1 октомври годинава да го достави до Владата.

Во меѓуресорската работна група предвидено е да учествуваат вработени во Министерството, претставници од стручната јавност, од Мисијата на ОБСЕ во земјава, претставници од невладиниот сектор, со задача да спроведе сеопфатна анализа за тековната состојба, да утврди конкретен модел за спроведување на процесот на проверка (ветинг) на вработените во МВР врз основа на компаративни искуства и да изготви предлог закон, заедно со акциски план околу процесот.

Ветингот во МВР, како што повеќепати најави Спасовски, е потребен за да се зацврсти интегритетот на полицајците и нивната отпорност кон какви било влијанија кои се спротивни на законите.

Целта е декриминализирана и депаритизирана полиција која ќе го штити интересот на граѓаните и полицајци кои професонално и одговорно ќе си ја вршат својата задача.

Ветингот во полицијата треба да се базира на три столба. Прво – вработувањето и кариерата на секој полициски службеник, второ – имотната состојба и трето – интегритетот и професионалноста во извршувањето на работните задачи. Ќе се проверува стручното образование, интегритетот, имотната состојба и евентуално криминални активности.

Тоа е сериозен процес, нагласуваше Спасовски, кој треба да заврши добро за институцијата, но и процес кој ќе наиде на голем број препреки и одвнатре и однадвор. Нема да биде едноставен и лесен и мора да се води транспарентно.

Ќе се формираат комисии кои ќе работат на ветингот, а ќе има и една надворешна комисија со експерти. На ветингот ќе бидат подложени сите – од чистачка до министер, нагласува Спасовски.

Според министерот, во МВР има полицајци кои се побогати од граѓани кои 20 години се занимаваат со бизнис.

Во Министерството за внатрешни работи паралелно ќе се спроведуваат два процеси, едниот е „ветингот“ – проверка на личниот интегритет, имотната состојба и образованието на секој полициски службеник, а другиот имплементација на препораките од ГРЕКО.

Тој потсети дека до 20 август годинава треба да се формира посебна група што ќе ја врши проверката и ќе изготви Акциски план со конкретни дејстивја и рокови, кој потота ќе биде доставен до Владата и врз таа основа од 20 август ќе се знае како ќе се одвиваат сите чекори во делот на процесот на „ветинг“.

Министерот Спасовски очекува дека тоа ќе биде успешен процес и ќе ги исполни очекувањата на граѓаните, меѓутоа, како што рече, ќе даде поттик и на другите институции, со цел да се зголемат капацитетите и интегритетот на луѓето кои работат во институции во интерес на граѓаните. Тој посочи дека во еден дел во УБК веќе работат комисиите.

– Со оглед тоа дека би спроведувале проверка на полициски службеници, Акцискиот план би бил во таа насока. Како тој ќе се спроведе, во кои рокови, кои области ќе ги опфати и врз основа на тоа ќе се направи целиот процес, рече Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање што би содржел тој Акциски план.

Прашан дали се очекува со „ветингот“ да бидат избркани од работа голем број полициски службеници, министерот Спасовски истакна дека не посакува да бидат бркани од работа, туку да се направи проверка и секој што заслужува да биде дел од полицијата, да работи во интерес на граѓаните и да бидат полициски службеници такви какви што граѓаните ги посакуваат.

– Да знаат да се однесуваат добро, да знаат дека интересот на граѓаните и на државата е пред се, да знаат дека не може да бидат полициски службеник и бизнисмен истовремено и оти не може на ниту еден начин да се однесува поинаку од нормите по кои треба да се однесува еден полициски службеник. Посакувам ова да го исполнат сите, да имаат регуларни дипломи за завршено образование, соодветно ниво на интегритет и ако е така тоа да се потврди, ако не е така не може да се биде дел од безбедносните служби, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1