Стефанова: Јанева му го вратила пасошот на Камчев додека бев на одмор и не ме извести


Јавната обвинителка во СЈО, Лиле Стефанова го отфрла како невистинито искажаното од Јордан Камчев во снимката што денеска беше објавена во италијанскиот весник „Ла Верита“ и смета дека целта е да ја дискредитира како обвинител.

– Целосно е невистинито искажувањето на осомничениот Јордан Камчев во објавената снимка во која си дозволил да го употреби моето име. Сметам дека целта на ова изнесување е да ме дискредитира како обвинител, кој ја води постапката против него, особено што го снимал разговорот со лицето Бојан Јовановски, наведува во изјавата објавена на веб страницата на ЈОНСК, во која наведува дека како предметен обвинител за предметот „Империја“, кој засега е во центарот на вниманието и околу кој кружат голем број шпекулации, смета дека неопходно е во јавноста да изнесе одредени информации, токму во насока на спречување на таквите шпекулации.

Во изјавата таа појаснува дека во месец август 2018 година, осомничените Јордан Камчев и Цветан Панделески се обиделе да извршат влијание врз предистрагата што во тој период била насочена против нив и други лица, користејќи го нејзиното познанство со господинот Ванчо Чифлиганец.

– За оваа ситуација јас на состанок ја известив Катица Јанева и присутните обвинители, а исто така го известив и мојот тим на истражители. На средбата што се одржа во просториите на Специјалното јавно обвинителство, господинот Ванчо Чифлиганец се обиде да добие информации за постапката за „неговите пријатели“, Цветан Панделески и Јордан Камчев. На господинот Чифлиганец јасно му ставив до знаење дека не доаѓа предвид да разговараме што било во врска со предметот. Целосно е невистинито искажувањето на осомничениот Јордан Камчев во објавената снимка во која си дозволил да го употреби моето име. Сметам дека целта на ова изнесување е да ме дискредитира како обвинител кој ја води постапката против него, особено што го снимал разговорот со лицето Бојан Јовановски, истакнува во изјавата Стефановска.

Таа додава дека во понатамошниот тек на постапката, повеќе ниту едно лице од неа лично не побарало ништо во врска со овој предмет, ниту пак и било познато дека такви барања се насочени кон Катица Јанева.

– Во втората половина на месец декември 2018 година, јас лично како предметен обвинител изразив несогласување со одлуката на Катица Јанева на осомничените во предметот „Империја“, мерката притвор да им биде заменета со мерка куќен притвор. Сметав дека куќниот притвор не може да ги спречи осомничените лица да влијаат на истрагата што се покажа како точно, имајќи ги предвид сега објавените снимки. Во месец март 2019 година, јас не се согласив и со одлуката на Катица Јанева да биде дадена согласност за издавање времена патна исправа на осомничениот Цветан Панделески, но и покрај моето спротиставување, таква согласност беше дадена, истакнува Стефанова.

Додава дека одлуката да биде дадена согласност за издавање на времена патна исправа на осомничениот Камчев, Јанева ја донела во време кога користела годишен одмор и за истата не ја известиле. – За оваа одлука, истакнува, дознав од обвинителката Елизабета Јосифоска, кај која било донесено на потпис писмено изготвеното мислење.

Како што наведува Стефанова во изјавата, на 16 април 2019 година, во канцеларијата на Јанева е одржан состанок на кој, како што вели, таа изнесе одредени одлуки пред присутните обвинители, а кои се однесуваа на дејствија во предметите „Империја“ и „Поштенска банка“.

– Конкретно, потенцира, ни беше наложено, најдоцна до 6 мај 2019 година, до неа да доставиме писмени извештаи за штетата во двата предмет што осомничените траба да ја платат на државата, по што предметите „да бидат тука затворени“ и осомничените „да не одат во затвор“. Меѓутоа, јас и обвинителот Бурим Рустеми изготвивме писмени извештаи во кои покрај износите на штетата, ги наведовме и можните затворски казни согласно Кривичниот законик во случај на спогодување со јавниот обвинител. Дополнително, за предметот „Империја“ потенцирав дека е во многу рана фаза за евентуално спогодување и дека истрагата треба да продолжи во следниот период, вели Стефанова.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1