Океанографите на Американската вселенска агенција НАСА предупредија дека на Гренланд има доволно мраз за да го подигне нивото на морињата за 7,5 метри, што би било катастрофално за крајбрежните подрачја низ светот.
НАСА постави на Гренланд база за својата научна програма ОМГ (Oceans Melting Greenland – Oceani tope Grenland), каде освен истражувањата колку високите температури на воздухот влијаат врз топењето на мразот, вршат анализи и какво влијание на тоа има се потоплиот океан кој одоздола го топи глечерот.
„На Гренланд има доволно мраз за да го подигне нивото на морињата за 7,5 метри, што е огромно количество мраз и тоа ќе биде катастрофално за крајбрежните подрачја низ светот, изјави океанографот Џош Вилис, кој ја води програмата ОМГ.
На 2 август оваа година на Гренланд се стопија 12,5 милијарди тони мраз во еден ден, што влезе во историјата како датум кога е регистрирано досега најголемо губење на ледената покривка, што се случи по големиот бран горештини кои ги зафатија САД и Европа.
Вилис додаде дека поради ваквата состојба ќе треба „да се повлекуваме од брегот, доколку се соочиме со толку изгубени метри во следниот век или два“.
Гренланд има влијание на целата планета, бидејќи милијарди тони мраз кои се топат го подигнуваат нивото на морињата во Австралија, Азија, САД, Европа.
„Сите ние сме поврзани со ист океан“, истакна Вилис.