Членот 34 од Законот за заштита на личните податоци (глава 8) се однесува на давање лични податоци на корисници, кој јасно укажува на тоа дека: „Контролорот ќе ги даде личните податоци на користење на корисник врз основа на писмено барање од корисникот, доколку тие се потребни за извршување работи во рамките на со закон утврдени надлежности“.
Во Македонија, покрај нотарите, постојат и извршители што се назначени од страна на Министерството за правда и имаат овластување да извршуваат одредени судски одлуки, особено во граѓанските постапкиdukumenti1[1]
На пример, ако судската одлука на некое лице му додели надомест на отштета претрпена како резултат на сообраќајна несреќа, извршителот има овластување да го заплени надоместот од лицето што судот го смета за одговорно во сообраќајната несреќа, а потоа да му ги префрли запленетите средства на лицето што претрпело штета. Сепак, за да може да го заплени надоместот, на извршителот му се потребни податоци за одговорното лице.
Извршителот (корисникот) испраќа писма до сите банки во Македонија (контролори на податоци) во кои прашува дали одговорното лице (субјектот на податоци) има сметка во таа банка и каква е состојбата на сметката. Банките најпрво треба да утврдат дали тие податоци се навистина потребни во тој обем за извршување работи во рамките на со закон утврдените надлежности.
Банките исто така треба да утврдат дека: имаат законска обврска да одговорат на писменото барање од извршителот и дека податоците се потребни за исполнување на правните интереси на третото лице (лицето што претрпело штета). Како и дека бараните податоци не спаѓаат во категоријата посебни категории лични податоци (личните податоци што го откриваат расното или етничко потекло, политичко, верско, филозофско или друго уверување, членството во синдикална организација и податоци што се однесуваат на здравјето на луѓето, вклучувајќи ги и генетичките податоци, биометриските податоци или податоци што се однесуваат на сексуалниот живот).
Податоците се собираат за конкретни цели, со закон утврдени, а тоа е: запленување надомест утврден со судска постапка – како што стои наведено во барањето поднесено од извршителот.
Откако банките ќе утврдат дека се исполнети сите горенаведени критериуми за да може да пристапат кон давање на личните податоци за нивниот клиент, тие ќе му одговорат на извршителот и ќе му ги дадат бараните податоци. Банките ги водат сите добиени барања и одговори на тие барања во своите архиви.
При пополнување формулари во банки забележете дали стои дека се согласувате да се собираат и/или да се употребуваат податоците и за кои точно наведени цели! Доколку сметате дека се собираат премногу лични податоци и/или посебни категории лични податоци чиј обем не е навистина неопходен за извршување на целите за кои се собираат, обратете се до Дирекцијата за заштита на личните податоци.