Пензионерот Богдан Дамјаноски, кој склучи договор за купување на 1 ТВ, ќе го раскине договорот, соопшти тој zа ИРЛ. Дамјаноски рече дека инвеститорот во чие име настапува се премислил, бидејќи првичниот договор бил на помала сума, но откако УЈП ја блокирала сметката за неплатени даноци сумата се зголемила на околу 400.000 евра. Инвеститорот, чие име не сакаше да го открие, бил негов пријател кој живеел во Холандија и сакал да почне бизнис во Македонија. Првата опција била да ја купи телевизијата на Боки 13.
– Трошоците енормно се зголемија и мојот клиент кој јас го застапувам реши да се откаже од купување на телевизијата, изјави Дамјаноски за ИРЛ.
Договорот за купување на уделите во БМЈ Медиа груп, фирмата која е сопственик на 1ТВ, Дамјаноски го склучил минатата недела со сопствениците Миле Јовановски, татко на Бојан Јовановски, и Јасна Мандиќ пред тие да бидат приведени. Тоа бил интерен договор кој се уште не бил спроведен во институциите. Дамјаноски тогаш се појавил во телевизијата и имал разговори со дел од вработените и склучил договори за работа со ветување дека ќе им бидат исплатени и заостанатите плати.
– Јас сум пензионер, поранешен градежен инжињер, но сега работам како консултант. Така дојде и до оваа соработка со 1 ТВ, за која имаше заинтересиран инвеститор. Јас од целата зделка ќе заработев некој денар, рече Дамјаноски за ИРЛ.
По вчерашниот брифинг во УЈП, на кој беше соопштено дека сметката на фирмата БМЈ Медиа груп е блокирана и дека должи многу пари, Дамјаноски рече дека нема ништо од бизнисот. Тој во разговор за ИРЛ изјави рече дека неговиот пријател од Холандија следната недела ќе дојде во Скопје и дека планира парите да ги инвестира во друг бизнис.
Инаку, името на Богдан Дамјаноски се појавува во повеќе судски пресуди. Тој е тужен за долгови, а неколку адвокати брифираа дека со извршни решенија бараат наплата од Дамјаноски, но тој нема ништо на негово име. Дамјаноски во мај 2003 година се понуди да ја преземе фабриката „ФАС 11 октомври“, кога понуди најмногу пари, околу 12 милиони евра. Но, уплатата на парите не се случи.
Директорот на АВМУ Зоран Трајчевски за Радио Слободна Европа денеска изјави дека побарале помош од МВР за обезбедување на документи од 1 ТВ затоа што размислуваат за одземање на дозволата на 1ТВ поради пропусти во емитувањето на програма, но не можат сами да ги земат поради заклучените врати на телевизијата.
Телевизијата престанала да емитува програма на 6. септември 2019 година, но за да и биде одземена дозволата по основ неемитување на програма, треба да има прекин од 30 дена во континуитет, а целосен прекин имаше само 14 дена.