Дишеме загаден воздух – Отворено писмо до Пендаровски и Заев


ОТВОРЕНО ПИСМО – О2 ИНИЦИЈАТИВА

Почитуван Претседател на Република Северна Македонија, г-дин Стево Пендаровски,

Почитуван Претседател на Влада на Република Северна Македонија, г-дин Зоран Заев,

Согласно вашите законски надлежности како Претседател и врховен командант на вооружените сили, и како Претседател на Влада на Република Северна Македонија, бараме да активирате припадници на Армијата и Полицијата со цел да се заштити правото на граѓаните на здрава животна средина, согласно Член 43 од Уставот, и да се одржи јавниот ред и мир во општеството, согласно Член 3, Член 5 и Член 14 од Законот за полиција.

Имено, секојдневно сме сведоци на запалени депонии, палење на оган на отворено и шумски пожари, кои го загрозуваат здравјето и физичкиот интегритет на граѓаните. За таа цел, бараме припадници на Армијата и Полицијата – во координација со сите капацитети на Дирекцијата за заштита и спасување, Регионалните центри за управување со кризи, Општинските штабови за заштита и спасување, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот комунален инспекторат, Инспекторат на Град Скопје и инспекторатите на општините – активно да се вклучат во следните активности:

· Да се организираат секојдневни патроли на припадници на Армијата и Полицијата на терен со цел да се превенира и санкционира палење огнови на отворено, пред сè палење на отпад и диви депонии;

· Да се организираат ноќни дежурства на припадници на Армијата и Полицијата со помош на припадници на ДЗС и РЦУК и општинските штабови за ЗиС на критични точки во Градот Скопје и низ Републиката, кои се најфреквентни места за палење на огнови на отворено;

· Да се едуцираат граѓаните на терен за штетните последици од палењето на огнови и отпад на отворено, од здравствен аспект;

· Да се организираат редовни патроли на припадници на Армијата во национални паркови и планински предели кои се најфреквентни и најподложни на пожар.

Сметаме дека Армијата и Полицијата можат и мораат активно да се вклучат во заштита на своите граѓани, нивното здравје и живот, на животната средина и со своето присуство на терен да делуваат согласно законските ингеренции, со цел да се спречат вакви појави.

Ви благодариме. Со почит,

Здружени граѓански организации и иницијативи,

Скопје Смог Аларм

О2 Иницијатива

Еко Герила

Граѓанско движење „Битола сака чист воздух“

AirCare – МојВоздух

Не биди ѓубре

Здравје пред профит

Група граѓани Визбегово

Fridays For Future Skopje

Ние сме Карпош 4

ЕкоКарпош 3, 2,1

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1