Актерот Брајан Тарантино, кој домашните гледачи го знаат по улогата во серијата „Сопранови“, но и од серијата „Девојките на Гилмор“, е пронајден мртов, пренесува американскиот портал Ти-ем-зи.
Полициските извори тврдат дека телото на 60-годишниот актер било пронајдено во саботата наутро во неговиот стан на Менхетн. Според првите информации, причина за смртта на актерот е предозвирање.
Како што пишуваат странските медиуми, на актерот околу 17 часот му дошла во посета внуката и го нашла неподвижен на каучот. Наводно покрај неговото тело бил пронајден бел прав.
Портпаролката на актерот Лори Смит за Ти-ем-зи изјавила дека смета дека умрел од компликации од неодамнешната болест. Наводно, актерот последните месеци бил со слабо здравје, а неодамна излегол од болница каде бил примен поради проблеми со срцето. Смит тврди дека повторно се чувствувал лошо, но дека не сакал пак да оди во болница.