Владата додели пари за подготовките за новиот Клинички центар


Вкупно 14,4 милиони денари (234.000 евра) на својата вчерашна, 162. седница додели Владата на Општина Ѓорче Петров за изработка на урбанистичко проектни документации, основни проекти за инфраструктура и елаборат за геолошки и геомеханички својства на почвата за местото Веле Поле, каде што треба да се гради новиот Клинички центар.

Исто така, прифатена била Информацијата на Министерството за образование и наука (МОН) за воведување пилот-програма за сеопфатно сексуално образование во 9-тиот степен на основното образование во четири училишта, две во урбана средина, едно во рурална средина и едно училиште каде мнозинство од учениците се од малцинските етнички заедници. Пилот-програмата ќе почне во 2021 година, откако претходно ќе се подготват материјали за обука на наставниците и таа ќе се спроведе.

Донесена е одлука и за учество на државата во „EuroHPC“, проект на ЕУ за развој, воспоставување, проширување и одржување на суперкомпјутерски и податочни центри од светска класа во рамките на Европската Унија.

„Главната придобивка на Република Северна Македонија за учество на оваа програма може да се најде во можноста на развојот на човечки капацитети во областа на Пресметување со високи перформанси, кои преку македонските претпријатија ќе доведат до подигање на иновативноста и до зголемен развој на научната дејност, преку активности поврзани со обука и поддршка на македонските научници во користењето на напредните ИКТ технологии“, се вели во владиното соопштение.

На 162-та владина седница вчера, бил усвоен конечниот текст на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот, со Акциски план за спроведување за 2020-2022 година.

Исто така, биле доделени пари на Министерството за труд и социјална политика за изградба на детски градинки во Општина Чаир и Општина Лозово, како и за набавка, испорака и монтажа на опрема во детските градинки во Општина Куманово, во Општина Брвеница, и во Општина Босилово.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1