Сашо Дуковски, адвокат на обвинетиот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски познат во јавноста како Боки 13, обелодени дека здравствената состојба на неговиот клиент се влошува и дека му откажал левиот бубрег. Тој вели дека Јовановски практично функционира без еден бубрег.
– Секој ден здравствената состојба му е се покомплицирана. Урината му е кафеава. Вчера стражарно беше спроведен на ректоскопија. На 20 овој месец му е закажана колоноскопија за која претходно треба да е на посебен режим. Нема што не му е. Кога лежи желудочната киселина му оди право во белите дробови. Може да умре за 15 минути. Јовановски нема желудник и за тоа има 10 лекарски мислења дека треба да биде хоспитализиран – вели Дуковски.
Директорот на затворот во Шутка, Есад Рахиќ каде е сместен Јовановски, за „Фокус“ објансува дека Јовановски редoвно се носи на прегледи кај специјалист и тој на своја рака не може да даде наредба Јовановски да биде хоспитализиран.
-Таа одлука ја носи судија на претходна постапка врз основа на медицинска документација. Јовановски редовно го прегледува затворскиот лекар и секогаш кога има потреба тој оди на специјалистички преглед. Сепaк за да биде хоспитализиран специјалистот треба да даде такво мислење, објаснува Рахиќ.