Синот на македонскиот амбасадор во Чешка Игор Илиевски, Џон Џејмс Илиевски, е одземен од неговата сопруга и не му е дозволен никаков контакт со него, јави дописникот на државната Македонска информативна агенција од Прага.
„Џон Џејмс е македонски дипломат кој де-факто е лишен од правата и можностите за регистрација во Чешка”, изјавил Илиевски на прес-конференција.
Според негови сознанија, со помош на позната локална адвокатска канцеларија и со физичко насилство од приватна агенција за обезбедување му е одземен две и полмесечниот син и оневозможено му е да го пријави престојот на чешка територија и да побара дипломатски документ.
„Правниот обид за киднапирање на мојот син од екстериторијална територија, резиденцијата на амбасадорот е реализиран од приватна фирма. И оттогаш сите повторени обиди да го видам својот син и да ги заштитам неговите човекови права беа неуспешни”, рече Илиевски кој веќе еден месец го нема видено својот син, ниту има информација за него.
Телефонот на неговата сопруга, која исто така е македонски државјанин, бил исклучен и македонскиот амбасадор се плаши дека никогаш повеќе нема да го види своето дете.
Илиевски вели дека ги презел сите правни чекори пред чешките и македонските судови. Чешките судови прогласувајќи се за ненадлежни го предале предметот на судовите во Македонија. Тој се обидувал и да спречи обид заменување на идентитетот на малолетникот.
Македонскиот амбасадор претпоставува дека синот се уште нелегално престојува на територијата на Прага со цел на 25 октомври кога изминува рокот за легално пријавување да биде регистриран како хуманитарен случај.
„За сите кои со ‘нелегални средства’ го ограничуваа мојот контакт со синот, за сите кои го предизвикаа инцидентот, кои предупредуваа, уценуваа или бараа да не притискам врз проблемот повеќе, сакам да најавам дека синот не може да биде користен како средство за војна со мојата личност”, рече Илиевски.
Негирајќи дека случајот има политичка конотација, Илиевски додаде дека неговата сопруга на сличен начин со помош на истата чешка фирма пред 9 години ја киднапирала својата прва ќерка од нејзиниот татко кој бил од Шпанија. Тој побара помош од медиумите и од официјалните чешки органи да може да продолжи во својата должност како татко да ги штити правата на своето малолетно дете.
Илиевски смета дека зад чинот на неговата сопруга стојат некои мотиви кои се надева дека доколку заврши целата драма ќе и бидат познати на јавноста.