Бриселската полиција утрово соопшти дека открила и спречила „ковид оргија“ во кафуле во центарот на градот, помеѓу учесниците повеќе европски дипломати и еден европратеник.
Дваесет и пет лица учествувале во оргијата во кафуле близу полициската станица во центарот на градот, информираа властите.
Идентитетот на европските дипломати како и идентитетот на пратеникот од Европскиот Парламент не се откриваат од страна на полицијата, но познато е дека пратеникот се обидел да побегне кога влегла полицијата во објектот.
Според весникот ДХ, кој ја обелодени информацијата, полициски извор изјавил „налетавме на огромен генг бенг“.Пронајдени се алкохол, дроги, а сите присутни се казнети.Забавата била организирана на првиот кат на зградата над геј барот Ле Детур, во центарот на Брисел. Кога полицијата упаднала, неколку учесници биле голи, а еден се обидел да побегне и притоа се повредил. Дваесетина луѓе, вклучувајќи го и Сајер и засега непознати дипломати, биле парично казнети
Европратеник од редовите на конзервативната партија на унгарскиот премиер Виктор Орбан поднесе оставка откако призна дека како што вели тој „бил на домашна забава“ во Брисел, прекршувајќи ги правилата на карантин и полициски час кој белгиската влада го воведе поради ковид-19. Станува збор за Јозеф Сајер, еден од најблиските соработници на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Европратеникот признава дека ги прекршил белгиските мерки против пандемијата на коронавирусот и преку соопштение се извини на семејството, колегите и гласачите. „Тоа беше неодговорно од моја страна. Подготвен сум за казната што ќе ми ја определат“, вели Сајер. Наведува дека полицијата му дала „официјално вербално предупредување“ и го вратила дома. Сајер тврди дека не бил дрогиран, но жали и се кае што ги прекршил прописите за коронавирусот.
„Бев на забавата, но не користев дроги и веднаш ѝ реков на полицијата дека сум спремен да ме тестираат. Полицијата кажа дека пронашла една таблета екстази. Не беше моја, не знам кој ја подметнал и како. Жалам што ги прекршив правилата, тоа беше многу неодговорно од мене и ќе ги сносам последиците“, изјави Сајер.
Педесет и деветгодишниот Сајер е еден од основачите на Фидес во 1988 година и близок соработник на премиерот Орбан. Тој беше пратеник во Европскиот парламент 16 години, а во последните години и потпретседател на Европската народна партија.