Боки 13 денеска поднесе шест нови кривични пријави во обвинителството. Неговиот адвокат не кажа конкретно против кои лица се поднесени. Кривичните пријави се за злоупотреба на службена положба и овластување, несовесно лекување на болни, тортура како и обид за убиство.
Дуковски кажа дека Боки поднел 6 кривични пријави против повеќе лица меѓу кои доктори, функционери од власта и судии.
„Фактот што се работи за предистраги и само за поднесување на кривична пријава, не можам да ви кажам точно за кои лица станува збор. Само ќе ви кажам дека станува збор за претставници на медицинската струка кои учествувале во некакви процеси, претставници на власта, претставници на судската власт како и претсавници на обвинителската фела“, рече Сашо Дуковски, адвокат на Боки 13.
Дуковски тврди имаат докази за сите кривични дела кои ги наведуваат во пријавите. Меѓу нив е медицинската документација која беше доставена до обвинителството.
Од обвинителството велат дека ќе ги проверат сите наводи по што ќе се носи одлука како ќе се постапи понатаму.
Досега Боки 13 поднесе вкупно 20 кривични пријави. Во јули преку писмо информираше дека во нив се опфатени околу 40 лица наведувајќи дека се директно поврзани со случаите Рекет, за кој неправосилно е осуден на 9 години затвор, и Меѓународен Сојуз, судење кое е во доказна постапка за кој рочиште е закажано веќе за утре кога треба да се сослушаат вештаци.