Социјалните мрежи вријат по објава која раскажува за една неверојатна голгота, на неколку лица, меѓу кои и медицински персонал, во обидот да спасат овчар, на недостапен планински предел, опкован во снег.
Настанот е раскажан на фејсбук-профилот на Павле Зафиров, кој и самиот учествувал во спасувачката акција, а како што нагласува, за да ја напише објавата бил испровоциран од инертноста на институциите и нивниот однос, но и од нечовечноста на луѓето вработени во нив, а надвор од секаков дневно-политички контекст.
„Пред неколку дена, добив повик за лице завеано во едно од најоддалечените планински места во Кратовската општина. Околу девет часот утрото заедно со медицински техничар и шофер, придружувани од сестрата, внукот и кумот на внукот на лицето, се упативме во планината. По поминати околу три-четириесетина километри возилата ни заглавија во наносите снег по што моравме да продолжиме пеш. После повеќе од час и половина одење низ екстремно стрмниот и непристапен терен, бидејќи патот до куќата не беше прооден, стигнавме до имотот на лицето“, ја започнува приказната Зафиров.
Како што наведува тој, ситуацијата која ја затекнале била трогателна. Овчарот бил паднат на патеката која од неговата куќа води до трлото и таму на поларни температури минал повеќе од 12 часа.
„Го имаше најдено неговата 90-годишна мајка која, немајќи сила да го крене, поминала цела ноќ покрај него обидувајќи се да го загрее, за да во утринските часови, иако не знае да ракува на телефон, успее да се јави на сопствената ќерка и да побара помош“, се вели во објавата на Зафиров.
Кога конечно успеале да го внесат овчарот во куќата, Зафиров сфатил дека ситуацијата е многу посериозна од измрзнување и дека човекот очигледно има и некоја друга подлежечка состојба која треба да се испита во болнички услови.
Бидејќи биле заглавени во непристапен терен кој го отежнувал транспортот на болниот, тие решиле да побараат помош од надлежните институции, но добиените одговори кај нив предизвикале само разочарување.
„Замислете, секаде каде што се јавивме или пративме некого да праша ни беше речено дека не можат да ни помогнат. Противпожарната единица не можела, Центарот за управување со кризи не бил надлежен, колегите од ЗД Кратово се јавувале и во полициската станица, но искрено не знам што им било речено, а од Општина Кратово и на личниот број на градоначалникот не нè удостоија ни да ни кренат слушалка“, објаснува Зафиров.
На крајот тој вели дека свесен за цената на секој човечки живот донел одлука, овчарот на импровизирана носилка да го пренесат низ непристапниот предел.
„Професијата не ми дозволува ни да помислам да не го транспортирам пациентот кој имал среќа да преживее на тој студ и снег. Роднините најдоа колци и ќебиња од кои со свои раце зашивме носила, го замотавме во јамболии човекот и го поставивме на носилата и додатно го обезбедивме шиејќи ги однадвор ќебињата. Четворица околу 5 часа на раце го носевме пациентот по козји патеки, низ екстремо стремен предел и шума наместа затрупани со снег, преку река и низ угорница која ретко кој би се осмелил да ја премина и пеш“, раскажува за голготата Зафиров.
На крајот, до 19 часот успеале да стигнат до возилата и околу 20 часот да го транспортираат пациентот во Здравствениот дом во Пробиштип каде дежурната екипа го презела и го однела во Штип.
„Доживеав 90 годишна мајка низ солзи и лелеци да нè моли да го спасиме нејзиниот син, носејќи го на грб, по истите козји патеки по кои таа им носела храна на партизаните кои со крв ја изградиле денешната држава која не сакаше да му помогне на син ѝ“, нагласува Зафиров во објавата.
На крајот, револтиран од односот на институциите, тој јавно им се обраќа на повеќе функционери меѓу кои премиерот Зоран Заев, министрите Венко Филипче и Оливер Спасовски, како и директорот на Центарот за управување со кризи, Стoјанче Ангелов.
„Јас, а се надевам и мнозинство на граѓани и граѓанки на оваа беспоштедно сурова Република, кои го читаат ова, не сакам, туку барам одговорност за конкретниот случај и очекувам конечно да почнат да се почитуваат некои правила, принципи и стандарди“, вели Зафиров кој на крајот од својата објава констатира дека човечкиот живот за некои од нас нема цена, а за некои не вреди воопшто.