Заев, Рама и Вучиќ на средба во Скопје на 29 јули


Во рамките на иницијативата за засилена регионална соработка претседателот на Србија Александар Вучиќ, претседателот на Владата на Албанија Еди Рама, и претседателот на Владата на Северна Македонија, Зоран Заев денеска одржаа работна средба преку интернет конференциска врска на која ја утврдија трипартитната, односно заедничка изјава „Европски Западен Балкан“.

Во трипартитната изјава претседателот Вучиќ и премиерите Рама и Заев посочија дека на 29-ти јули ќе се состанат во Скопје со цел да го потврдат напредокот и да потпишат договори кои произлегуваат од спроведувањето на обврските од Берлинскиот Самит, меѓу трите земји.

Се работи за договори за соработка и помош во случај на природни катастрофи, како и за олеснување на трговијата, извозот и увозот меѓу нашите земји.

„Ги покануваме и охрабруваме нашите колеги во регионот да потпишат и спроведат слични договори, така што визијата за заеднички политички и економски простор низ Западен Балкан ќе стане важен дел од секојдневниот живот на нашите граѓани преку единствениот пазар. Во тој дух, се надеваме дека ќе го засилиме процесот на соработка меѓу нас, во целиот регион и ќе продолжиме да даваме сé од себе за тоа да се случи“, порачаа тие.

„Постојаниот неуспех на ЕУ да ги исполни своите ветувања и нејзината неможност да се движи напред со отворање на првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија, оди против европската волја на нашите земји и против интересите на самата ЕУ“, се наведува во заедничката изјава по состанокот на претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерите на Македонија и на Албанија, на Зоран Заев и еди Рама. Тие денеска одржаа онлајн работна средба на која разговарале за регионалната соработка.

Во изјавата стои дека на земјите од Западен Балкан им е потребна ЕУ колку што и се и тие потребни на ЕУ. На состанокот било речено дека и покрај тоа што земјите не се интегрирани во ЕУ, сепак остануваат уште попосветени на патот кон ЕУ и на регионалната соработка.

„Сакаме порано, отколку подоцна, да видиме дека четирите слободи на ЕУ – движење на луѓе, стоки, услуги и капитал – се спроведуваат низ целиот регион. И ние ќе сториме сè што е во наши раце да се движиме кон оваа цел преку моќта на нашиот пример. Во овој дух, ние ќе ја искажеме нашата целосна поддршка за регионалниот заеднички пазар на Самитот на Берлинскиот процес на 5 јули“, стои во заедничката изјава.

Лидерите се согласиле дека само со заедничко работење и поттикнување на регионална соработка во рамките на разни регионални иницијативи како регионален пазар, Регионален Шенген, Зелени коридори, може да им се донесе опипливи резултати на граѓаните.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1