Бомба во седиштето на Партијата на Ромите – напаѓачот се вратил да провери зошто не експлодирала


Рано изутринава, пред Клубот на Партијата за целосна еманципација на Ромите, кој се наоѓа во кафуле во Тетово, била фрлена рачна бомба која за среќа не експлодирала. Сторителот првин го искршил едното стакло од вратата и тука ја оставил бомбата. Но бидејќи таа не експлодирала, тој се вратил да провери дали бомбата е активирана. Откако не успеал да ја активира си заминал. Сето ова било забележано на безбедносните камери од околните објекти.

Клубот Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР) во Тетово е оштетен, скршено е стакло, па е фрлена неактивирана бомба и нема повредени луѓе, информираше партискиот претседател Самка Ибраимовски.

„Во 4 часот и 23 минути дошло лицето тука, го скршило стаклото, ја фрлило бомбата, таа не експлодирала, па имал храброст да се врати назад да види дали е активирана бомбата или не е. За среќа не беше активирана, да била сигурно би направила голема штета. Нашиот член од партијата кој утринава дошол во клубот почнал да го мете скршеното стакло без да ја забележи бомбата, па можел не сакајќи и тој да ја активира. Се работи за бомба кашикара од постар тип која има големо разурнувачко дејство. Ние, како политичка партија, немаме забелешки ниту сме се замериле со некого освен некои недоразбирања со извршителите. Дали тоа е причината или нешто друго, се надевам дека набрзо ќе дознаеме“, изјави Ибраимовски.

Според него, целиот настан е евидентиран преку камера која служи за видеонадзор.

– Ми се јави член на партија што го држи клубот, дека е фрлена бомба во нашиот клуб. Му реков да повика полиција. За среќа и на мојот сопартиец, бомбата не беше активирана, беше тука пред врата. Не чепкавме ништо, дојде полицијата почна да истражува, работи на случајот – истакна Ибраимовски.

На местото на настанот полициски службеници од СВР Тетово извршија увид, а екипа за антитероризам безбедно ја отстранила неексплодираната рачна бомба.

Сторителот бил снимен преку камера за видеонадзор.

– Веќе постојат видеоснимки и ќе се најде лицето. Мислам дека ќе се види кое е лицето, како е и зошто е направено ова. Ние како политичка партија, имаме наш став, си тераме наша политика, немам никакви забелешки, ниту сме се замериле со некого. Единствено тоа што го кажував со извршителите, дали е тоа причината или нешто друго, тоа не можам да кажам, меѓутоа во скоро време ми ветија дека ќе го дознаеме – истакна Ибраимовски.

Екипа на СВР Тетово извршила увид, а фрлената неексплодирана бомба е подигната.

Tags: , ,

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1