Српските медиуми објавија список со имињата на идентификуваните жртви во вчерашната трагична несреќа на железничката станица во Нови Сад.
На неа е посочено дека Васко Саздовски (роден 1979-та година) е македонскиот државјанин што загина во несреќата кога натстрешница од железничката станица се урна врз лица што беа под неа.
Овој 45-годишен научник работел во Институтот „Биосенс“ во Нови Сад, каде што се истражуваат и развиваат информатички технологии за земјоделството. Директорот на „Биосенс“, Владимир Црнојевиќ, ја потврди веста за „Политика“.
– Саздовски работеше во Центарот за сензорски технологии. Се вработи во водечка европска институција како искусен научник. Претходно имаше научна кариера, изјави Црнојевиќ за весникот.
Негови блиски велат дека Васко бил човек, кој Македонија не знаеше да го почитува и препознае неговото знаење, па затоа заминал во Нови Сад да работи како професор во Институтот „Биосенс“, и повремено доаѓал во Македонија.
Колегите на Саздовски се собраа во Институтот „Биосенс“ утрото по трагедијата. Според нивните зборови, Васко работел таму нешто повеќе од една година, во центарот за сензорски технологии, а речиси секој викенд го минувал дома во Македонија, каде што живеат неговата сопруга и двете деца. На пат тргнал и кобниот петок, 1 ноември.
Во Нови Сад се прогласени три дена жалост почнувајќи од денеска поради загубата на 14 лица врз кои се урна масивниот бетонски покрив на железничката станица.
Според тврдењата на кинеската компанија која ги изведуваше работите и претставниците на државата, тој дел од зградата не бил предмет на реконструкција.
Обновата на станицата се одвиваше во две фази како дел од реконструкцијата на железничката линија за брзи возови. Имаше две свечени отворања. Работите на овој културен споменик, архитектонско здание од 1964 година, започнаа во октомври 2021 година. Делот од обновената зграда беше свечено отворен во март 2022 година како дел од отворањето на обновената брза пруга од Белград до Нови Сад. На почетокот на јули 2024 година беше соопштено дека реконструкцијата на станичната зграда е завршена.