Во Чаир ќе се гради ново модерно училиште во населбата Тенеќе Маало, најави кандидатот за градоначалник од Вреди, Изет Меџити. Според него, објектот ќе го носи името „Викторија“ и ќе обезбеди достоинствени услови за околу 1.300 ученици.
Училиштето ќе има површина од 4.700 квадратни метри со 54 училници, осум кабинети и две современо опремени лаборатории. Наставата ќе се изведува во една смена, а проектот е дел од Деталниот урбанистички план за општината. „Оваа инвестиција ќе биде гордост за Чаир и вистински простор за развој на младите“, истакна Меџити.

Паралелно со овој проект, ќе се градат уште два училишни објекти: нова зграда за училиштето за деца со попречености „Иднина“ и уште едно основно училиште во близина.
Со овие три инвестиции, бројот на основни училишта во Чаир ќе се зголеми на 11. Целта, според Меџити, е конечно воведување настава во една смена и создавање услови за целодневна настава за сите ученици.
Тој потсети дека образованието е „клучот на иднината“ и дека секое дете заслужува еднакви и современи услови за учење. „Како иден градоначалник се обврзувам дека образованието и нашите деца ќе бидат на врвот на приоритетите,“ нагласи Меџити.









