Лекарската комора на Македонија со загриженост ги следи информациите поврзани со докторот Игор Кузмановски и укажува дека докторската професија има специфична дименизија која налага високо етичко и морално однесување.
Ова е ставот што Лекарската комора денеска го сподели со медиумите, откако вчера на социјалните мрежи беше објавена видеоснимка на која се гледа како Кузмановски меша бела прашкаста материја во чинија, зборува за неа со асоцијации за кокаин и разговара со друго лице кое најверојатно го снимало видеото.
Оттаму додаваат дека органите и телата на Комората ќе го разгледаат конкретниот случај и информациите поврзани со него и ќе постапат согласно своите надлежности.
Според Статутот на Лекaрската комора, Судот на честа е органот кој на барање на обвинителот на Комората расправа и одлучува за одговорноста на членовите на Комората за сторена повреда од етичка и од професионална гледна точка и за повреда на Кодексот на медицинската етика и должности, при што може да изрече опомена, јавна опомена, парична казна, како и времено или трајно одземање на лиценцата.
Вчера на социјалните мрежи се појави скандалозно видео во кое се гледа како Кузмановски меша бела прашкаста материја во чинија, зборува за неа со асоцијации за кокаин и разговара со друго лице кое најверојатно го снимало видеото.
Кузмановски, кој во август беше назначен за директор на Клиниката за неврохирургија како кадар на ВМРО-ДПМНЕ, вчера, по објавата на видеото, веднаш беше разрешен од функцијата од страна на министерот за здравство Азир Алиу.









