ПЛАНОТ ОД 28 ТОЧКИ СВЕДЕН НА 19 – можен состанок Зеленски и Трамп оваа недела


Високи извори потврдуваат дека украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот лидер Доналд Трамп би можеле да се сретнат во Белата куќа уште оваа недела. Средбата, како што пренесуваат западни медиуми, има за цел да го финализира ревидираниот мировен план за Украина, кој доживеа сериозни измени — од 28 на 19 точки.

Првичната верзија, изработена од рускиот пратеник Кирил Дмитриев и советникот на Трамп, Стив Виткоф, предвидуваше Украина да се повлече од Донбас и откажување од членството во НАТО. Но, според Фајненшл Тајмс и „Гардијан“, по неделните преговори во Швајцарија, на кои учествувале американскиот државен секретар Марко Рубио и шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, документот е драстично изменет.

Понатаму, новата верзија ја дефинира постојната линија на фронтот како почетна точка за сите територијални разговори. Европските сојузници инсистираат дека суверенитетот на Украина не смее да биде предмет на преговори.

Меѓутоа, реакциите од европските престолнини не доцнеа. Велика Британија и ЕУ беа затечени кога оригиналниот документ протече во американските медиуми. Американскиот воен секретар Ден Дрискол итно отпатувал за Киев за да го информира Зеленски за деталите, потврди „Вашингтон Пост“.

Москва не гледа со оптимизам на европските предлози. Помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, го нарече европскиот контраплан „потполно неконструктивен“, додавајќи дека одредени делови од американскиот документ „се прифатливи, но бараат детална дискусија“.

Иако сигналите за состанок се позитивни, европските дипломати предупредуваат дека без согласност од Москва, секој мировен напредок ќе биде само „привремен мир на хартија“.

Полскиот премиер Доналд Туск коментирајќи ги мировните преговори за Украина, денеска изјави дека нема многу причини за преголем оптимизам, додавајќи дека неговата земја ќе го поддржи процесот во кој има шанси за ставање крај, или барем за прекин, на руско-украинската војна

Oдговор во позитивен тон дојде и од Брисел, каде што претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека разговорите во Женева воспоставиле цврста основа за напредок во мировните преговори.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1