Четири лица се осомничени за вмешаност во тешката сообраќајна несреќа што вчера се случи на улицата Народен фронт во Скопје, во која животот го загуби 79-годишна жена, а возачот што ја усмрти избега од местото на трагедијата.
Несреќата се случила околу 11:30 часот, кога патничко возило „фолксваген пасат“, управувано од 18-годишен скопјанец, удрило во повозрасната жена, која починала од здобиените повреди. Наместо да застане и да ѝ помогне, возачот го напуштил местото на настанот.
По интензивна потрага, полицијата преку системот „Безбеден град“, снимки од околните објекти и сведоштва, утврдила дека возилото е сопственост на таткото на осомничениот. Автомобилот бил пронајден пред нивниот дом, каде што бил затекнат постар член на семејството, кој бил приведен на разговор.
Истражувањето покажало дека младиот возач и неговиот татко, со помош на уште две лица, ја напуштиле државата истиот ден по несреќата. Двајцата помагачи се уапсени и против нив е поднесена кривична пријава поради помагање во бегство по извршено кривично дело.
Против 18-годишниот возач е поднесена кривична пријава за тешко кривично дело против безбедноста во сообраќајот и за неукажување помош на повредено лице. За него и за неговиот татко е распишана потерница, а полицијата презема мерки за нивно пронаоѓање.
Во меѓувреме, пронајдени се и одземени двете возила – „фолксвагенот“ со кој е усмртена жената и „мерцедесот“ со кој осомничените ја напуштиле државата. За случајот е известено Основното јавно обвинителство, кое ја продолжува постапката.










