НЕ САКАМЕ ДА СМЕ АМЕРИКАНЦИ- Гренланд се спротивстави на Трамп


Политичките партии во Гренланд демонстрираа единство како одговор на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со статусот на данската автономна територија, објави агенцијата ДПА.

„Не сакаме да бидеме Американци, не сакаме да бидеме Данци – сакаме да бидеме Гренландци“, се наведува во заедничката изјава потпишана од сите пет партии застапени во локалниот парламент на Гренланд, Инатсисартут.

Политичките сили ги повикаа САД да го прекинат, како што велат, „презирниот став кон нашата земја (Гренланд)“, нагласувајќи дека „за иднината на Гренланд мора да одлучува исклучиво народот на Гренланд“.

Трамп синоќа повторно ги потврди своите тврдења за Гренланд, изјавувајќи дека САД мора да преземат чекори за да спречат Кина или Русија да ја преземат контролата врз стратешки важниот арктички остров.

Републиканецот во повеќе наврати истакна дека сака островот, кој е дел од Кралството Данска, сојузник на НАТО, да биде ставен под контрола на САД поради неговата, како што ја нарекува, „стратешка важност“, како и поради, според него, растечкото присуство на руски и кинески бродови во регионот.

Данската влада категорично ги отфрли ваквите изјави. Данската премиерка Мете Фредериксен предупреди дека евентуален американски напад или обид за преземање на Гренланд би значел крај на НАТО и на глобалната безбедносна архитектура воспоставена по Втората светска војна.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД мора да го „поседуваат“ Гренланд за да ги спречат Русија и Кина да го преземат, наведувајќи дека тоа ќе се направи „на лесен или на тежок начин“.

Острата реторика доаѓа по неодамнешните сигнали од Белата куќа дека администрацијата размислува за купување на полуавтономната територија од Данска, но не ја исклучува ниту можноста за присилна анексија, пренесува Би-Би-Си.

И Данска и властите во Гренланд категорично ја отфрлија понудата на Трамп, нагласувајќи дека островот не е на продажба. Копенхаген предупреди дека секоја воена акција против членка на НАТО би значела сериозен удар врз трансатлантската одбранбена алијанса.

– Земјите мора да имаат сопственост, вие ја браните сопственоста, не договорите за закуп. А ние ќе мора да го браниме Гренланд – изјави Трамп пред новинарите во Вашингтон.

Американскиот претседател повеќепати истакнува дека Гренланд е од клучно значење за националната безбедност на САД, тврдејќи, без да понуди докази, дека островот бил „покриен со руски и кинески бродови“.

Иако САД веќе имаат повеќе од 100 војници трајно стационирани во воената база Питуфик во северозападниот дел на Гренланд, која функционира уште од Втората светска војна, Трамп смета дека постојните договори за користење не се доволни.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1