Ново намалување на горивата, овој пат за денар и пол


Се очекува Регулаторната комисија за енергетика, утре, да донесе ново намалување на цените на горивата, откако, во саботата, Владата донесе одлука дека продолжува со мерки за справување со ценовните шокови и за стабилизација на економијата во услови на глобална неизвесност.

Премиерот Христијан Мицкоски, денеска, истакна дека Македонија, според најновите анализи на Меѓународниот монетарен фонд, се наоѓа меѓу првите три држави во Европа според обемот на применети мерки за ублажување на последиците од енергетската криза и ценовните шокови.

– Се наоѓаме во период на изразена глобална неизвесност. Ценовните шокови на енергентите не се резултат на внатрешни политики, туку се последица на геополитичките случувања. Според анализите на ММФ, ние сме меѓу првите три земји во Европа според применетите мерки за справување со ценовните шокови, кои се во согласност со светските економски трендови – изјави Мицкоски, додавајќи дека Владата мора да реагира навремено за да ги заштити граѓаните и економијата од последиците на енергетската криза нејзиното влијание врз цените на горивата и животните трошоци.

Владата на седница во саботата, разгледувајќи ја актуелната економска состојба и влијанието на глобалните ценовни шокови врз домашниот пазар, донесе одлука за продолжување на мерката за намалување на акцизите на нафтените деривати, со важност до 4 мај.

Со оваа одлука се задржува намалувањето на акцизата за дизел горивото во износ од 4 денари по литар, како и намалувањето на акцизата за безоловните бензини од 95 и 98 октани во износ од 2 денари по литар. Оваа интервенција има директен фискален и пазарен ефект, кој се рефлектира во значително намалување на малопродажните цени на горивата, со што се ублажува притисокот врз трошоците на живот и се амортизираат инфлаторните импулси.

Во таа насока, Мицкоски рече дека очекува Регулаторната комисија за енергетика да донесе одлука со која малопродажните цени на бензините и дизелот ќе се намалат за околу 1,5 денари по литар.

– Очекуваме Регулаторната комисија за енергетика да донесе одлука за дополнително намалување на цените на горивата за околу 1,5 денар по литар – рече премиерот и потсети дека до крајот на април останува во сила и договорениот попуст механизам со ОКТА, со кој бензините се намалуваат за 2 денари, а дизелот за 3 денари по литар.

Според него, овие мерки заедно создаваат кумулативен ефект кој директно влијае врз намалување на трошоците за граѓаните и стопанството.

– Со овие мерки имаме најниски цени на горивата во регионот – нагласи премиерот, додавајќи дека бензинот од 95 октани во земјата се движи меѓу 1,27 и 1,31 евро за литар.

Тој направи споредба со соседните земји, посочувајќи дека разликата е значителна. Посочи дека во Грција и во Албанија цените надминуваат две евра за литар, што покажува дека нашите мерки даваат резултат.

Премиерот се осврна и на фискалните мерки, објаснувајќи дека Владата прави балансиран пристап во оданочувањето.

– Кај дизелот, ДДВ-то е вратено на 18 проценти по истекот на првиот пакет мерки, додека кај бензините останува намалената стапка од 10 проценти – изјави тој, додавајќи дека целта е да се задржат стабилни цени без да се загрози буџетската стабилност.

Премиерот додаде дека Владата применува долгорочен, холистички пристап за стабилизација на економијата, кој вклучува мерки за зајакнување на домашната економија, зголемување на конкурентноста и обезбедување одржлив пораст.

Во однос на економските показатели, премиерот информираше дека инфлацијата изнесува 4,9 проценти, со очекување за понатамошна стабилизација.

– Очекувам од мај работите да се движат кон нивото што го очекуваме и кон дополнително смирување на инфлациските притисоци – рече Мицкоски додавајќи дека Владата ќе продолжи да ја следи состојбата и навремено да реагира на сите промени на пазарот.

Од опозицискиот СДСМ, вчера повторно обвинија дека мерките на Владата се „недоволна и задоцнета реакција на економските предизвици“. Поради тоа, лидерот на партијата, Венко Филипче, побара итно замрзнување на цените на основните прехранбени производи, намалување на ДДВ и воведување на посебни мерки за заштита на најранливите категории граѓани.

– Ние продолжуваме да бараме да се замрзнат цените на основните прехранбени производи, да се интервенира во ДДВ-то и да се донесат посебни мерки за помош на одредени загрозени категории на граѓани – социјални случаи, студенти, пензионери, работници со ниски примања, семејства со повеќе деца, земјоделци, затоа што ние не ветуваме бајки, знаеме како се менаџира криза и затоа нудиме решение – изјави Филипче.

Тој ја обвини Владата за отсуство на навремени економски политики и за последици што директно ги чувствуваат граѓаните.

– Граѓаните скапо ги плаќаат бајките и неспособноста на премиерот Мицкоски. Ги плаќаат со празни џебови и со празни фрижидери. Баравме и предупредувавме дека се потребни конкретни мерки за помош на граѓаните… економија што тоне, тежок секојдневен живот, цени кои растат без контрола, најниски плати во Европа и млади кои заминуваат од земјава – рече тој.

Филипче изнесе и податоци за економските движења, тврдејќи дека има значителен пад во странските инвестиции и зголемени економски проблеми.

– Странските инвестиции се намалени за 60 %. Компании затвораат и отпуштаат работници. Во изминатите година и пол се отпуштени 1.500 работници. Државата должи 160 милиони евра за поврат на ДДВ кон компаниите – изјави претседателот на СДСМ.

Дополнително, тој посочи дека основните прехранбени производи, како лебот, брашното, шеќерот, солта, месото, млечните производи, овошјето и зеленчукот, поскапеле од 5 до 300  насто, што од ден на ден во влошува стандардот на граѓаните.

Во завршниот дел од обраќањето, тој повторно ја критикуваше Владата, оценувајќи дека нема капацитет за справување со кризата.

– Мицкоски живее во свој паралелен свет на бајки. Нема капацитет да води држава… Граѓаните живеат многу полошо, порача Филипче.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1