По повод Светскиот ден без тутун, Министерството за здравство, во соработка со Институтот за јавно здравје и Светската здравствена организација, се приклучи на глобалната кампања под мотото „Разоткривање на привлечноста – спротивставување на зависноста од никотин и тутун“.
Министерот за здравство Азир Алиу истакна дека заедно со СЗО, Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје, локалната самоуправа и здравствените домови, веќе се спроведуваат координирани активности насочени кон зајакнување на услугите за откажување од пушење на локално ниво.
Тој посочи дека една од клучните новини е ажурираната есенцијална листа на лекови, на која првпат се вклучени препарати за одвикнување од пушење – трансдермални фластери и никотински гуми за џвакање. Целта, како што нагласи, е тие да станат подостапни за граѓаните и почесто препишувани од матичните лекари.
Паралелно со овие мерки, Министерството работи и на нов закон за заштита од употреба на тутун и сродни производи, усогласен со европските регулативи, кој треба системски да ја зајакне заштитата на јавното здравје.










