Премиерот Христијан Мицкоски вечерва на прес-конференција ги соопшти кадровските промени во Владата, во рамки на реконструкцијата на владиниот состав. Промените опфаќаат повеќе министерства и институции, а дел од ресорите добиваат нови раководители.
Од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, за министер за социјална политика, демографија и млади е предложен досегашниот заменик министер во истото Министерство, Ѓоко Велковски, додека Сашо Клековски ќе раководи со Министерството за здравство.
Досегашниот министер за локална самоуправа Златко Перински е предложен за директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), а ресорот локална самоуправа ќе го преземе Иван Стоилковиќ.
За министер без ресор е предложен Ерџан Демир.
Коалицискиот партнер „Вреди“ ќе раководи со Министерството за правда, Министерството за култура и туризам, како и со Министерството за односи меѓу заедниците.
Партијата ЗНАМ, пак, ќе го преземе Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Премиерот Мицкоски истакна дека промените имаат за цел да го зајакнат капацитетот на Владата и да обезбедат поефикасна реализација на владината програма во наредниот период. Очекувањата се дека новите кадровски решенија ќе бидат доставени до Собранието, каде ќе треба да добијат поддршка од пратениците.
https://www.facebook.com/share/v/1EWCkBZB9n/?mibextid=wwXIfr










