Тодор Коневски е новиот претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ


Тодор Коневски е новиот претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, откако по предлог на претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, а со одлука на Извршниот комитет, му беше доверено раководењето со најголемата младинска политичка организација во државата. Коневски важи за млад и перспективен кадар, препознатлив по својата енергија, посветеност и долгогодишен ангажман во рамки на УМС.

По изборот, Коневски преку објава на социјалните мрежи им се заблагодари на раководството на партијата, на членовите и на сите досегашни претседатели и активисти на Унијата на млади сили, истакнувајќи дека функцијата ја прифаќа со чест, одговорност и обврска да продолжи со уште посилна работа и организација.

„Почитувани браќа и сестри, почитувани пријатели,

По предлог на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Христијан Мицкоски, а со одлука на Извршниот комитет ми е укажана довербата да ја предводам Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. Најголемата и најсилната младинска политичка организација во Македонија.

Благодарам на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и на Извршниот комитет за укажаната доверба и можноста да ја водам организацијата која со години е двигател на младинската енергија и силата на нашата партија.

Мојот пат во Унијата започна во 2016 година. Од тогаш до денес, секој чекор беше работа, секоја обврска беше докажување, а секој предизвик беше мотивација да се оди напред. Заедно со генерации млади луѓе ја градиме Унијата како организација што не следи време, туку го обликува.

Посебна благодарност до досегашниот претседател, Сергеј Попов, кој ја предводеше Унијата на млади сили во едни од најкомплексните времиња за државата и за партијата. Неговото водство остави стабилна, организирана и силна Унија, со јасна структура и јасна насока. Тоа е темелот врз кој продолжуваме.

Благодарност и до сите претходни претседатели на Унијата на млади сили кои со својот труд ја граделе УМС. Благодарност и до сите членови и активисти кои несебично се посветиле на нашата визија наречена УМС на ВМРО-ДПМНЕ и Македонија!

Денес продолжуваме со уште поголема енергија, поголема организација и уште посилна работа. Ќе бидеме уште поприсутни, уште поорганизирани и уште поодлучни во секој сегмент на нашето делување. Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ продолжува да биде политичка сила во рамки на ВМРО-ДПМНЕ.

Да живее УМС!
Да живее ВМРО-ДПМНЕ!
Да живее Македонија!“, напиша Коневски.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1