НАСИЛНИКОТ МОЖЕ ДА БИДЕ ИЗБРКАН ОД СОПСТВЕНИОТ ДОМ НА 48 ЧАСА


Најмалку три пријавени кривични дела поврзани со семејно насилство дневно се регистрираат во Македонија, но најновите податоци на Министерството за внатрешни работи покажуваат дека проблемот е многу посериозен. Само во првите десет месеци од 2026 година биле пријавени 1.897 случаи на семејно насилство, што е зголемување од 70 отсто во споредба со истиот период лани, кога биле евидентирани 1.125 случаи.

Податоците беа презентирани на денешната анализа на МВР, на која присуствуваше и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Според него, зголемувањето на бројот на пријави делумно се должи и на тоа што жртвите сè почесто се охрабруваат да го пријават насилството, наместо да молчат и да го трпат.

Во текот на оваа година МВР поднело 1.450 кривични пријави за семејно насилство, што е за 50 отсто повеќе од минатата година. Од нив, 153 биле поднесени по брза постапка. Изречени биле и 163 мерки притвор, што претставува зголемување од 270 проценти во однос на 2025 година.

Анализата покажува дека од 2021 до 2025 година биле регистрирани 5.699 сторители на семејно насилство, од кои 91 процент се мажи. Во истиот период биле евидентирани и 132 жени како сторителки на ваков вид насилство. Загрижувачки е и податокот за децата, со просечно 90 до 100 деца жртви на семејно насилство во истиот период.

Жените најчесто биле нападнати во својство на сопруги, потоа како партнерки во вонбрачна заедница и како мајки. Дополнително, во 214 пријавени прекршоци биле регистрирани жртви на насилство, меѓу кои случаи на карање, викање, малтретирање и тепање на јавни места. И во овие случаи најчесто станувало збор за сопруги и мајки.

Оваа година во земјава се регистрирани и седум фемициди, односно убиства на жени.

Паралелно со статистиката, во собраниска процедура сè уште се наоѓа и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Предлог-законот, за кој иницијатива и потписи за поднесување собра пратеничката од ЛДП Моника Зајкова по убиството и самоубиството во Богданци, е во надлежност на Министерството за труд и социјална политика.

Законот предвидува дополнителни механизми за заштита на жртвите, вклучително и мерки што ги определува граѓанскиот суд. Тошковски во своето обраќање посочи дека активно учествувал во работната група за подготовка на законското решение, заедно со уште еден министер, иако формалната надлежност е на Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Тошковски појасни дека МВР веќе има законска можност да постапува по службена должност во случаи на телесни повреди поврзани со семејно насилство, а не само кога жртвата лично ќе поднесе пријава.

Тој посочи и дека полицаец може да изрече итна мерка за отстранување на сторителот од домот во траење од 48 часа, доколку постои основано сомневање дека лицето извршило семејно насилство или претставува потенцијален насилник. Мерката може да се примени и кога насилникот е сопственик на домот.

Во рок од шест часа, МВР го известува судот, кој потоа одлучува за понатамошното постапување и за тоа дали пријавеното лице ќе може да се врати во домот.

– Полицискиот службеник изрекува итна мерка и го отстранува од домот потенцијалнот населник. Велам – потенцијалнот насилник. Ако е насилник, оди на друго месо. Ова се случаи каде немаме елементи да докажеме, па да предлагаме до јавниот обилител, па тој потоа да побара од судот, па судот да изрече дека треба да се отстрани. Не, кога немаме докази полицискиот службеник носи одлука, издава усна наредба, а во рок од шест часа му се дава и писмена наредба. За оваа одлука за отстранување од домот веднаш се известува жртвата и Центарот за социјални наредби, а со писмената наредба од судот се бара продолжување на мерката. Судот ќе одлучи дали таа мерка ќе ја продолжи од 48 часа на 30 дена – oбјасни Тошковски.

Зголемувањето на бројот на пријави и кривични постапки, според презентираните податоци, ја отвора и потребата од поефикасна заштита на жртвите, побрзо постапување на институциите и целосна примена на законските механизми за спречување на семејното насилство.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1