Бројот на заболени од дијабетес се зголемува, а раната дијагноза на дијабетесот, редовното мерење на шеќерот во крвта, редовното земање терапија и современиот третман, како и здравиот начин на исхрана и физичката активност, се клучни за спречување на компликациите од болеста.
– Во државата има 135.000 лица со дијабетес, од кои 4.000 се со тип 1 и речиси за 40.000 се смета дека имаат дијабетес, а немаат поставена дијагноза. Дијабетесот е хронична болест, која зазема пандемиски размери. Меѓународната федерација за дијабетес излезе со бројки дека 693 милиони луѓе во светот го имаат ова заболување. Речиси 43 отсто од лицата со дијабетес не знаат дека ја имаат оваа хронична болест. Според податоците, приближно 50 отсто од компликациите кај дијабетес тип 2 веќе се присутни при поставување на дијагнозата. Значи, се задоцнува со поставувањето на дијагноза – изјави на прес-конференција директорот на Универзитетската клиника за ендокринологија, проф. д-р Ирфан Ахмети, по повод одбележувањето на 14 Ноември, Светскиот ден на дијабетесот, под мотото „Рана акција за дијабетес“.
На прес-конфернецијата беше истакнато дека 800 лица до 25-годишна возраст имаат дијабетес, од кои 350 се деца.
Обезноста е еден од главните ризик-фактори за појава на дијабетес и треба навреме да се третира за да се спречи преддијабетесот, односно дијабетесот како хронична компликација. За важноста на скринингот и навременото откривање на дијабетесот покажува и вчерашниот скрининг кај нашата популацијата, инициран од Македонската медицинска асоцијација на студентите, во кој учествуваа 135 лица. Забележано е дека кај 16 отсто од лицата, на кои им било извршено мерење гликемија во крвта, е поставена дијагноза дијабетес, а тие не знаеле дека го имаат, додаде проф. д-р Ахмети и упати апел до граѓаните да не чекаат да се појават симптомите на дијабетесот, да прават скрининг на гликемијата кај матичниот лекар и да се едуцираат за ризик-факторите.








