Кражба на нафта во гаражите на ЈСП во Ѓорче Петров. Вработени во претпријатието биле затекнати при кражба на значително количество гориво, по што веднаш била повикана полицијата.

Случајот го открила внатрешната контрола на ЈСП, а според најавата на градоначалникот, инволвираните вработени ќе бидат отстранети од работа и ќе се очекува надлежното Обвинителство да отвори постапка.
Информацијата беше објавена вечерва, со порака дека ќе следуваат санкции за секој за кого ќе се утврди одговорност.

Пост на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски
,,Вработени во ЈСП затекнати при кражба на нафта од гаражите во Ѓорче Петров!
Внатрешната контрола на ЈСП затекна вработени како крадат значително количество нафта од гаражите на претпријатието во Ѓорче Петров.
Веднаш е повикана полицијата.
Вработените ќе бидат отстранети од работа, а очекувам Обвинителството да отвори постапка и секој за кого ќе се утврди одговорност да одговара пред законот.
Почитувани скопјани, токму за ова зборувам кога велам дека градот со години бил системски уништуван.
Секој литар нафта во тие гаражи е платен со ваши пари за автобусите на ЈСП да ве однесат на работа, на училиште и дома.
Моја обврска е да го чувам секој ваш денар.
Кој и да посегне по него, ќе биде санкциониран.
Без исклучок!
Денес, за разлика од минатото, жестоко се постапува против криминалот!
Само со удар во чело, можеме да се избориме против корумпираните кои го уништуваат нашето и ваше Скопје.
За Скопје се бориме со сите сили!








