Радикалиот исламизам почна да пушта корени и во Косово и овие тендеции почнаа да го заплашуваат населението во оваа земја, каде мнозинството се традиционални муслимани. Силното движење на исламот, од завршувањето на војната па досега, почнува да ги придобива верниците низ цело Косово, се наведува во извештајот на Балканската новинарска истражувачка мрежа (БИРН).
Дури 50 илјади лица во Косово почнале да ја следат најконзервативната форма на исламот, се наведува во извештајот и се додава дека индоктринацијата почнала по 1999 година од страна на исламски организации кои почнале да се стационираат на Косово, јави дописникот на МИА.
– Односите меѓу државата и конзервативците се карактеризираат со несигурност и конфузија. Двете страна на маса ги ставаат меѓународните одредби за човековите права или како одбрана на сопствената позиција или како пречка потив дејствување, стои во извештајот .
– Доколку некој вели дека имаме слобода на веросиповест, тоа не е вистина, изјави Шефќет Красниќи главен имам во џамијата во Приштина, додавајќи дека тие ги барале истите права како што ги имаат муслиманите во Лондон или во САД.
Министерот за внатрешни работи Бајрам Реџепи изјави дека вознемиреноста поврзана со човековите права го попречиле во неговите напори да го спречи дејствувањето на исламските фанатици.
Тој додаде дека се обидел да промовира закон против „радикалните секти“ за време на неговиот мандат како премиер, пред девет години, но оти му бил пресечен патот од меѓународните претставници-функционерите на мисијата на ОН кои администрирале со Косово во периодот од 1999-2008.
– Ги прашав нив дали ќе ги толерираат верските секти доколку се опасност по нивните земји. Тие ми рекоа дека тоа биле европски стандарди, изјави Реџепи.
Косовски функционери од областа на безбедноста потврдија дека сомнителните екстремисти се под надзор, дека запоседнале 30 од вкупно 650 џамии колку што има во Косово, дека воделе истрага против шестмина имами за поттикнување радикализам, но оти не било покрената ниту едно обвинение.