Дневниот весник „Вест“ во својот новогодишен број ја раскажа сторијата за новогодишната елка и прославата на плоштадот Македонија. Интересно, до 1989-та година, во Скопје не се китело елка, а немало ни централна прослава.
Главните „виновници“ за новогодишната иницијатива било списанието „Екран“.
По повод 1000-тиот број на телевизиската ревија, вработените дошле до одлука прославата да ја направат за новогодишната ноќ, а за доживувањето да биде целосно, поставиле и елка во кругот на плоштадот.
Првата прослава на плоштадот се одржала на преминот од 1989-та кон 1990-та година и ја сочинувале програма за деца со Дедо Мраз, огномет од страната на Кале, како и забава со педесетмина изведувачи како Леб и сол, Блага Петреска, Момо Николовски, Ѓоко Дончев, Дарио, Џокси, Ранко Рангелов, Војче Китановски…
Се избирала и најдобра маска, извидниците од Градскиот извиднички сојуз палеле оган, а по полноќ се играло и на орогото на песната „Југославијо“, пренесува „Вест“.
Наредните години веќе оваа приказна станала традиционална, а во кругот на плоштадот се поставувало природна елка, но само до 2002-рата година, бидејќи здруженијата за заштита на природата забележувале за унишутвањето на истите.
Поради ваквите притисоци, од наредната година веќе почнале да се поставуваат вештачки елки на плоштадот, од кои оваа која ја имаме сега се поставува веќе неколку години наназад, со различни декорации за секоја година.