„Балкан енерџи“ планира да ги намали авансите за парното бидејќи претходните пресметки биле правени за многу пониски надворешни температури од сегашните
Пониски сметки за парно греење максимум до 5 проценти ќе добијат околу 55.000 домаќинства, кои од годинава се приклучени на системот на „Балкан енерџи“ – дознава „Дневник“. Јануарските фактури компанијата ќе ги испорача на почетокот од наредната недела
– Цената за топлинската енергија не се менува, а и фиксниот дел ќе биде ист, но ние планираме да го намалиме авансниот дел од сметките. Тој авансен дел се определува во зависност од процените за потребната енергија и од надворешните температури.
Претходните пресметки се правени врз база на пониски температури, а ние имаме повисоки надворешни температури и затоа проценивме дека има простор за намалување. Значи, јануарските сметки ќе бидат до максимум 5 отсто пониски во авансниот дел споредено со ноемвриските сметки – изјавија за „Дневник“ извори од „Балкан енерџи“.
Kомпанијата ги смирува и граѓаните што почувствуваа дека наместо до 21 часот, топлинска енергија во цевките има и до 23 часот.
– Тоа нема да влијае врз висината на сметките во никој случај. Ние само правевме експеримент со цел да се акумулира топлина и да видиме како тоа ќе се одрази врз потрошувачката – објаснуваат од „Балкан енерџи“.
Извор Дневник