Пратениците од опозицијата ќе ги депонираат оставките на денот на одржување на локалните избори, на 24 март, најави денеска Игор Ивановски, член на Извршниот одбор на СДСМ.
– Доколку власта упорно одлучи да спроведе нелегитимни избори, а такви ќе бидат без учество на опозицијата, тогаш оставките ќе бидат депонирани на 24 март 2013 година, односно на денот на одржувањето на локалните избори. Инаку, тие како оставки се собрани и веќе потпишани од пратениците, рече Ивановски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција.
Прашан дали ќе ги повлечат нивните членови во Државната изборна комисија, Ивановски рече дека досега таква одлука не е донесена, но оти ги разгледуваат сите правни, законски и политички можности за анализа на, како што рече, нелегитимните избори.