Хашкиот трибунал да се изјасни позитивно по барањето за предвремено ослободување на Јохан Тарчуловски и тој многу бргу да се врати во Македонија, очекува неговиот адвокатски тим.
– Барањето за предвремено пуштање на слобода на Тарчуловски е препратено преку германското Министерство за правда до Хашкиот трибунал и се очекува одлуката на Судскиот совет на Трибуналот, изјави денеска за МИА адвокат Антонио Апостолски.
Тој не прецизира дали има временски рок за одговор од Трибуналот, но очекува тоа да се случи наскоро.
Во меѓувреме, од затворот во германскиот град Диц каде што ја издржува казната, преку Фејсбук, Тарчуловски и се обрати на јавноста и порача дека конечно докажал дека не сторил никакво кривични дело насочено против цивили за што беше обвинет и осуден.
– Сакам да се заблагодарам што ми беше дадена прилика мене и на мојот адвокатски тим да покажеме и докажеме дека не сум сторил никакво кривично дело, кое е насочено против цивили или цивилни објекти. На почетокот незаконски и непотребно бев уапсен и се сомневав дека ќе добијам фер и праведно судење. Сакам да порачам до моите најблиски дека нивната поддршка и љубов за мене е моето најголемо духовно богатство. Се во животот се случува поради некоја причина, пишува Трачуловски.
Во текстот објавен на неговата страница вели дека годините поминати во притвор не се изгубени за него, бидејќи научил многу вистини, научил да не брза, да биде трпелив и да го цени она што го има.
– Трагично и жално е што некои болни умови преку изведување на терористички напади и убиства на цивили, војници и полицајци се бореа за политички функции. Чесен суде, ние Македонците сме мирен народ, секогаш и на секого сме спремни да му помогнеме кога му е најтешко, ниту еден Македонец не го посакуваше тоа што се случи во 2001 година, наведува Тарчуловски.
Своето обраќање го завршува со пораката секој човек има света должност да ја брани својата татковина.
Досегашната пракса во работата на Хашкиот трибунал покажува дека сите барања од овој тип се одобрени и осудениците се пуштени на слобода.
Дванесетгодишната затворска казна на Јохан за случувањата во скопското село Љуботен во 2001 година, формално истекува во 2017 година. Шест години од казната Тарчуловски помина во Шевенинген, а од пред две години е во затворот во германскиот град Диц.
Mia