Финско научно истражување покажува дека жените кои раѓаат синови во просек 8,5 месеци пократко живеат од жените кои раѓаат ќерки, поради поголемо напрегање во бременост и дополнителните биолошки причини поврзани со носењето на машко дете.
Со истражувањето биле опфатени податоци од 11.000 жени, при што е утврдено дека на тоа не влијаела здравствена состојба и социјалниот статус на мајките. Во исто време е утврдено дека полот на детето не влијаел врз животниот век на татковците.
За пократкиот живот на жените кои родиле неколку синови влијаат повеќе фактори.
Според една теорија, жените кои носат машко дете имаат повисоко ниво на тестостерон, што го ослабнува женски имунолошки систем. Исто така, машките деца во матката растат побрзо од женските деца и потешко е да се носат, при што телото на мајката дополнително се оптоварува.
Истражувачкиот тим предводен од д-р Самуил Хеле собрал и споредил податоци од жени од осум различни фински региони, кои живееле во периодот од 17 до 20 век, кога ја немала денешната здравствена заштита и нега. Утврдено е дека жените кои родиле шест синови просечно живееле уште 32,4 години по раѓањето на последното дете, додека жените кои раѓале девојчиња живееле 33,1 години по последното породување.
Д-р Хеле потенцира дека раѓањето машки деца во развиените земји со високо ниво на здраствена и медицинска заштита не влијае врз животниот век на жената.