На прв поглед се чини дека станува збор за музеј на фабрика Мател, но две илјади барбики и една илјада кеновци го красат домот на американскиот колекционер Стенли Колорит. Овој 41-годишен кој сам себе си се нарекува Барби-мен, популарните кукли почнал да ги собира пред 20 години, а годишно за својата колекција троши 30.000 долари.
Четири соби и купатилото во куќата на Стенли Колорит на Флорида се претворени во мали храмови кои оддаваат почест на популарната кукла. Освен две илјади Барбики и една илјада од нејзиниот пријател Кен, од кои некои модели се вредни и до илјада долари, Колорит чува и облека за кукли вредни три илјади долари. Во неговата колекција има и облека за Барбика креирана од Оскар де ла Рента, потоа авион, мотор, лимузина и камп приколика за кукли, пишува „Дејли Меил“.
Колорит, сопственик на мала фирма за чистење, вели дека неговата страст почнала со една кукла, но за него Барби не е играчка, туку колекционерска страст. Колорит дури основал и добротворен фонд за Барби.
Првата Барбика ја купил во 1997 година, а отогаш купува барем 20-тина месечно патролирајќи во продавниците со играчки, аукциите и барајќи драгоцени пластични убавици на иБеј.
– Се сеќавам кога ја видов својата прва Барби и помислив колку е убава. Веднаш ја купив. Денес купувам се што ќе видам што има врска со Барби, дури и нејзината паста за заби и часовник со нејзиниот лик, рече Стенли.
Миленичка во неговата куќа на соништа е кукла од 1992 година, која сега вреди околу 979 долари. Најстарата Барби во неговата збирка е произведена во 1962 година, а ја купил во дуќан за користена стока за шест долари. Колорит живее со неговото момче, 61-годишниот Денис Шликер, кој собира модели на пријателот на Барби, Кен. Откако се запознале пред 13 години, Стенли и Денис редовно ги посетуваат конвенциите на Барби и уживаат во изработката на накит за кукли и чешлање на косите на куклите.
Стенли е горд на својата збирка и им се радува на воодушевените посетители на неговиот мал музеј. Иако Барбиките заземаат дури четири простории во куќата, тој вели дека нема да престане да ги собира се додека снема простор.
– Не ми треба палата за својот музеј. Мојата куќа е мој дворец – тоа е моја куќа Барби од соништата
Mia