На најголемиот саем за туризам во Берлин, Македонија се обидува да го привлече вниманието со понудите за екстремен туризам, византиските и балканските тури со соседите.
На годинашнава туристичка берза во Берлин, меѓу над 10.000 излагачи од 180 земји, во халата 11 се претставува и Македонија. Со штанд на кој доминира макетата на Охридската куќа и неколкуте пултови со рекламен материјал, презентирана е понудата на агенциите „Визит Маседониа“, Албтурс, Карачи, Максан, Бадем Тур…
– Ако во добрите стари туристички времиња Холанѓаните беа тие кои ги открија и уживаа во Охрид и Македонија, последниве години, земјата е откровение за вљубениците во екстремните спортови од земјите на германското говорно подрачје, но и на познавачите на византиска култура од далечната Јапонија. Покрај нив во Македонија и на Балканот доаѓаат и туристи од Австралија, Кореја, Турција, пренесува Дојче веле.
На туриститет им се нуди и бајкинг турата за екстремни терени во Македонија. Стефан Керазовски, директор на „Визит Маседонија“ од Скопје вели дека од година во година има се повеќе туристи од Германија, Австрија, Израел, Јапонија, Тајван.
– Нашата ориентација е алтернативниот туризам, природата, планинарењето, а годинава првпат организираме бајкинг тури по екстремно тешки терени. Овој вид туризам не се работи година за година, што значи дека за туристите кои годинава ќе возат велосипеди на тешки терени, програмите се сработени пред една-две години. Годинава наши гости се авантуристи со велосипеди од Австрија, Германија, Израел. Има различни тури од седум дена и се вози од Попова Шапка, по патека од 18 километри до Маврово, па оттаму до Галичник. Или од Галичник до Лазарополе, па потоа Охрид. На Галичица, стартот е во Велестово, па се вози по сртот се’ до Пештани. Интересен е и Пелистер, каде трасата води од врвот до Преспанското Езеро, истакнува Керазовски.
Цените на овие бајкинг тури зависат од времетраењето, услугата и бројот на гостите, зашто станува збор за специфична организација, која не е масовна и каде има максимум до 10 луѓе кои се водени од експерти. Цените на десетдневните тури за вљубениците на екстремното чинат меѓу 500 и 600 евра.
Дојче веле