Фудбалерот број 1 на планетава во последните четири години Лионел Меси во интервју за аргентинска телевизија призна како успеал да се пробие во фудбалот без помошта на татка си, Хорхе Меси, кој истовремено е и негов менаџер. Тој истакна дека татко му постојано го критикувал и од него ретко добива пофалби.
– За татко ми никогаш не играм добро. Од кога бев малечок секогаш наоѓаше нешто за што ме критикуваше. Всушност тоа ми помогна да бидам многу подобар на секој следен натпревар, изјави Меси, кој, сепак, истакнува дека самиот на себеси е најголем критичар.
Тој нагласува дека не сака да зборува за својот приватен живот, но призна дека на својата сопруга и помага во негувањето на четиримесечниот син Тијаго.
– Ако баш ве интересира, и помагам во се околу бебето – му менувам пелени, го бањам, го ставам да спие и … тоа ми се допаѓа.
Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња и сопственик на многу рекорди, истакна дека покрај фудбалот го интересираат и други спортови и додаде дека најмногу ги цени кошаркарот Коби Брајант и тенисерите Новак Ѓоковиќ, Роже Федерер, Рафаел Надал и Хуан Мартин дел Потро
– Тие се феноменални во тоа што го работат, истакна Меси.