Вредниот експонат од 4 и 3 век пред новата ера ќе биде изработен во природна големина и ќе стане дел од атрактивната поставка на новиот Археолошки музеј на Македонија, кој треба да биде отворен до крајот на годинава, пишува Дневник.
Веќе е во тек реконструкцијата на ритуалната погребна кочија, пронајдена пред осум години на археолошкиот локалитет Могилка во атарот на делчевското село Очипала. Сè уште не е одлучено каде ќе биде изведен целиот процес. Белградска фирма ги прави 3Д-моделите со тродимензионални принтери, скенирања и анализи.
Предметите, меѓу кои две фигурини на Херакле, глава на медуза, апликација со претстава на лав, бронзена фигура на јагуар, сите датираат од 4 и 3 век пред новата ера, беа изложени во Заводот и музеј во Штип.
Уникатните делови пред осум години им беа одземени на диви копачи, по акцијата што ја спроведоа инспектори од Управата за заштита на културното наследство и полицијата од Делчево. Во запленетата колекција имаше 69 железни и бронзени делови и украси од кочија. Меѓу нив беа: лав што дави теле, машка глава со крилца во косата, два женски и еден машки портрет, лавица украсена со концентрични кругови по телото, сите од бронза. Беа запленети и железни обрачи од тркала со клинци и клинови во форма на сидро, бронзени алки, бронзени и железни клинци, апликации од бронзен лим, животински коски и друго.
По запленувањето археолозите спроведоа сондажни археолошки ископувања на локалитетот, а ги раководеше Трајче Нацев, во тоа време виш конзерватор-археолог од штипскиот Завод и музеј. Нивната цел беше целосно да ја истражат гробницата и да утврдат дали деловите од кочијата се од таа локација. Уште тогаш најавија дека ако ги пронајдеме другите делови, ќе има материјал да се направи целосна реконструкција на кочијата. Во рамките на истражувањата тие ги открија деловите на кочијата што недостигаа и украсните предмети на неа.
Извор – Дневник