Родео цигари се најдени во пакување на Бос Голд. Во малопродажба пуштени се пакувања на цигари во кутија со брендот Бос која всушност содржи цигари од брендот Родео, објави Канал 5.
Кој дозволил трговците да продаваат родео цигари што чинат 47 денари во кутија од брендот Бос Голд кои се продаваат по цена од 65 денари.
Кој сака да ќари на грбот на пушачите?
– Купив четири кутии цигари од познат супер маркет, во две од нив содржината не соодветствуваше со брендот наведен на кутијата, реагирав до производителот, инсистираа и ми ги земаа двете отворени бос голд кутии во кои имаше родео цигари. Потоа дојдоа и ми донесоа штека бос голд и запалка, вели анонимен граѓанин.
Дали се работи за ненамерна грешка или можеби позадината е посериозна?
Алармиравме и до земјоделскиот инспекторат. Заедно со инспектори од пазарна инспекција лично се уверија дека на пазарот се продаваат лажни цигари.
Инспекторите ќе проверуваат дали вината е кај производителот или пак кај препродавачите.
– По усна пријава јас како директор на државниот земјоделски инспекторат заедно со инспектори од пазарната инспекција утврдивме лично дека во кутија со бос голд се наоѓаат родео цигари. Соодветно ќе постапиме со тоа што ќе утврдиме дали станува збор за намерна или ненамерна штета бидејќи станува збор за разлика во цена од околу 18 денари, понатаму ќе утврдиме дали има и други околности по што најверојатно производителот ќе биде приморан да ги повлече цигарите од продажба, доколку има елементи и кривично ќе гониме, вели Румен Стаменов – директор на државен земјоделски инспекторат
Од организацијата за заштита на потрошувачи повикуваат случајот да се пријави. Според нив, ова претставува нечесно пазарно однесување на производителот.
Во случајот според законот за заштита на потрошувачи станува збор за нечесно пазарно однесување, вели Златко Јолески, од организацијата за заштита на правата на потрошувачите.
Државниот земјоделски инспекторат дополнително ќе го проверува квалитетот на тутунот што го содржат цигарите во овластена лабораторија, се вели во извештајот на Канал 5