Ако сакате да имате сопствено паркинг-место во една од двете нови катни гаражи во центарот на градот, тоа ќе ве чини најмалку 4 000 денари месечно.
Градот Скопје под закуп нуди нешто повеќе од илјада паркинг-места во катните гаражи кои се градат кај поранешниот Цветен пазар на улицата “Мито Хаџивасилев-Јасмин” и кај ТЦЦ Плаза. Иако нивната изградбата се уште не е целосно завршена, сепак Градот во нив нуди закуп на паркинг-места како и на деловен простор.
За оние што ќе сакаат да си обезбедат сопствено паркинг-место во една од двете катни гаражи, ќе мораат да конкурираат за учество на јавното наддавање.
Постапката за давање под закуп на паркинг-места во катните гаражи ќе се врши по пат на усно јавно наддавање. За местата во гаражата на улицата “Мито Хаџивасилев-Јасмин”, спроти дирекцијата на Макпетрол наддавањето ќе се одржи на 2 април од 10 часот во салата на Советот на Град Скопје, барака број 13, а наддавањето на паркинг-местата во катната гаража на улица “Даме Груев”, кај ТЦЦ Плаза на истиот ден во истата барака само од 13 часот.
Доколку почетната сума на лицитациите од 4 000 денари се разложи на 30 дена, корисниците би плаќале по 133 денари за паркирање на ден, без разлика колку тоа го користат.
Вечер