Денеска бакнете ја мајка ви. Благовештeние e


Свето Благовештение е Богородичен празник, односно еден од празниците посветени на Пресвете Богородица. Тие се поврзани со животот на Божјата Мајка. Таков е и овој празник. Со право некои го сметаат и за двоен празник: Господов и Богородичен. Господов, бидејќи на овој ден Господ Исус Христос се воплотил – зачнал, а Богородичен, бидејќи Богородица постанала Божја мајка.

Името на празникот

blagovestieБлаговештението е истоименито со Евангелието. Тие носат исто име. Евангелие е Благовестие, Благовештение. Празникот така и се нарекува на грчки јазик: Евангелизмос (JO Eujaggelismov~), а на старомакедонски (црковно-словенски) јазик: Благовештение(BlagovyÃen·e). Составено е од два збора: блага + вест, радосна вест.

Полното име на празникот е: Благовештение на Пресвета Богородица. Се сретнува, обично во руски и црковно-словенски богослужбени книги и како Благовештение на Пресветата Владичица наша Богородица и Приснодева Марија.

Бил именуван и како: Благовештение на Марија од ангелот, Зачнување Христово, Почеток на искупувањето, Почеток на спасението, Благовештение за Христа, а во ВИИ век е усвоено името: Благовештение на Пресвета Богородица.

Благовештение го празнуваат и Источната и Западната црква.
Неговото народно именување е Благовец, Благоец, Благостене, Благовден, Половина Велигден, Блошчење, Кукувден.

Благовец – празник на мајките

blagovestie4

Благовец е празник на Божјата Мајка, а според старата црковна традиција е и празник на сите мајки – Денот на мајките. Новото нецрковно време го заменуваше со празнувањето на 8 Март, па се подзаборава дека Благовештение е празникот на мајките.

На Благовец е денот на мајките, затоа што Богомајката Богородица е заштитничка на сите мајки кои зачнале и станале мајки. Тоа е ден на мајката која дала нов живот. Тогаш децата и благодарат на мајката, ја гушкаат и и даваат дарови во знак на љубов, почит и внимание. Мајките, пак, ги благословуваат децата и тие да имаат свои рожби и радости.
Денес, бакнете ја мајка ви!
На овој ден се покажува особена сострадалност и помош кон сирачињата, кон бедните и кон унесреќените.

Именден

Именден празнуваат: Благој, Блаже, Блажо, Благин, Благомил, Благомир, Благовестин, Благун, Евангел, Вангел, Блага, Благица, Благана, Блажена, Благојка, Благуња, Благодатка, Благовеста, Бонка, Вангелија, Евангелица и др.

Народни преданија и суеверие

blagovestie3

Народните преданија за Благовец сплеле многу обичаи и церемонии кои немаат никаква врска со верата и со Евангелието. Тие се чиста човечка измислица. Главно се со некоја поврзаност за времето и за името. Најпрво, се вели дека Благовец е благ ден и така се нарекува затоа што на тој ден дури и раната не боли.

На Благовец треба и да се зајаде првиот мед во таа година. А, и садењето тикви требало да започне на Благовец, за да бидат многу благи. За да не го боли, а да биде благо и добро детето, на овој ден им се дупнуваат ушите на девојчињата и им се ставаат првите обетки. Тогаш нема да се инфицираат и брзо ќе зараснат.

Потоа, со Благовец се поврзува и доаѓањето на птиците преселници: штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот и други, кои ја носат благата вест дека зимата си отишла и доаѓа пролетта, а со неа и новиот живот и сè што треба да оживее и да се сработи за новиот живот во природата.

Црковните камбани ја соопштуваат благата вест за зачнувањето на Спасителот на светот, а ластовицата ја носи благата вест за пролетта.

blagovestie2Спроти празникот се мете и се чисти, а сметот се гори, за да изгори сето насобрано зло. Некаде ги пуштаат и птиците да не се затворени на овој ден, па дури и оние од кафезите. Се мисли дека на Благовец ни птиците не работат во правењето гнезда, па дури и не мавтаат со крилјата додека се застанати, туку само во лет. Кукавицата првпат кука, а мечките се будат од сон.

Какво ќе биде времето на Благовец, такво ќе биде и цела година. На тој ден излегуваат змиите, гуштерите и сите влекачи (што е очигледно дека излегуваат и многу порано некаде, а некогаш и подоцна!). Некаде се прави и обичајно гонење на змиите, на Благовец, со чукање по тави и тенџериња низ дворот и околу куќата, за да се исплашат и од викање да бегаат сите ползачи и гадинки, подалеку од куќите и од дворовите. А во тој ден змиите не касаат и добро е да прелазат некое алиште кое ќе биде за лек.

blagovestie5

Жените не фаќаат игли и конци, на денот да не шијат, да не предат и да не плетат, дури ни косата, за да не ги каснат змии. А може да си заврзат некое конче за да не ги фаќаат очи и уроци. Добро е да си ставиш пара в џеб или да броиш пари на тој ден, за да имаш цела година итн. итн.

Препорачливо, пак, е на Благовец да се сади цвеќе, бидејќи тоа ќе биде особено миризливо и убаво. Тогаш се засадуваат и леите со расад, за да бидат зеленчуците благи (слатки) и здравоносни. На тој ден е добро да се посади и плодно дрво, зашто плодовете ќе му бидат благи. А пчеларите првпат ги отвораат пчелите за да собираат мед.

Некои, на Благовец, првпат каснуваат коприва, спанаќ и новите зеленчуци. Девојчињата тогаш првпат замесувале пита и ја мачкале со мед, па им давале и на момчињата од нивната возраст блага пита. На тој ден и самовилите играат оро…

И сега, најважното во врска со ова! Сето ова е само суеверие и празноверие. Тоа нема никаква врска со верата христијанска, а повеќе е исмевање на верата и и штети на нашата вера. Ова суеверие е неразумно однесување кон празникот и кон светоста на овој свет ден. Ова не им приличи на православните христијани и на вистинските верници. Треба да се отфрлаат овие суеверија и празноверија од вистинскиот христијански живот и од христијанската побожност. Тие се нехристијански и нецрковни. Тие се остаток на едно простонародие и претставуваат суеверност на простољудието!

(За МИА подготви Проф. д-р Ратомир Гроздановски)

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1