15 примени на оцетот за кои веројатно не сте слушнале


Освен за закиселување на сезонската салата, оцетот може да го искористите за:

ocet3

  1. Заштита на шофершајбната од мраз. Метеоролозите најавуваат многу ниски температури, а вие морате да патувате со својот автомобил? Во шише со распрскувач измешајте оцет со вода во сооднос 3:1 и вечерта испрскајте ги прозорците. Оцетната киселина не ѝ дозволува на водата да замрзне на прозорците. Што ако веќе има мраз на шофершајбната? Испрскајте го мразот со растворот за да си го олесните чистењето.
  2. Лесно чистење на микробрановата печка. Уморни сте од борбата со остатоците од храна во микробрановата печка? Наместо да употребувате силни хемикалии за да ја исчистите нејзината внатрешност, пробајте побезопасно оружје – оцетот. Во длабок сад измешајте ¼ шолја оцет и 1 шолја вода и ставете ја течноста да врие 1-2 минути во микробрановата печка. Не го вадете веднаш садот и оставете ја вратничката затворена уште неколку минути. Потоа, избришете со крпа. Не само што полесно ќе ги отстраните остатоците од храна, туку ќе го уништите и силниот мирис од пуканки, риба и сл.
  3. Ублажување на чешањето при убод од комарец. Убодите од комарец предизвикуваат иритирачко чешање, но оцетот може да ви помогне. Веднаш штом ќе забележите дека сте станале жртва на комарец, натопете памук со оцет и поставете го на убоденото место. Чешањето ќе се намали, а заедно со него и самиот оток.
  4. Спречување на распукување на јајцата при варење. Додајте две лажици оцет во водата во која варите јајца. Тоа ќе ја зачува лушпата цела и ќе ја спречи белката да истече во водата.
  5. Чистење на прозорци. Измешајте еднакви делови оцет и вода и ставете ги во шише со распрскувач. Откако ќе ги испрскате прозорците, избришете ги со хартија од весник.
  6. Уништување на миризбата од чад. Ја загоревте храната додека готвевте и во вашиот дом се шири силна миризба? Имавте гости кои претераа со бројот на испушени цигари? Ставете во замирисаната соба сад со оцет за да се ослободите од непријатната миризба.
  7. Лесно отстранување на залепени етикети. Штотуку купивте нов производ и сте загрижени како ќе ја отстраните етикетата без да остане лепило? Затоплете мала количина бел оцет, во него потопете крпа, а потоа поставете ја на етикетата која сакате да ја отстраните. Кога таа ќе биде целосно накисната, можете да ја одлепите без да се плашите од лепилото.
  8. Задржување на мравките подалеку од домот. Топлите месеци значат и раздвижување на мравките кои полека започнуваат да ги освојуваат домовите. За среќа, овие вредни инсекти не се големи обожаватели на оцетот. Измешајте бел оцет и вода во однос 1:1 и испрскајте ги местата од каде што мислите дека можат да нападнат. Тоа брзо ќе ги натера да се повлечат.
  9. Неутрализирање на миризбата од урина. Вашето милениче го замени тоалетот со килимот? Или пак, вашето малечко ненамерно ги намокри играчките во текот на ноќта? Искористете го оцетот за да се ослободите од непријатната миризба на урина, независно дали таа е на памучните пелени, играчките или на килимот. Измешајте една шолја бел оцет во 3 литри вода додека перете. Ако пак миризбата е на килимот, измешајте еднакви делови оцет и вода и налејте ги врз килимот. Потоа исплакнете и оставете го да се исуши.
  10. Отстранување на солта од чевлите во зима. Солта е многу ефикасен борец против мразот во текот на зимата, но таа може и да ги уништи и вашите обувки ако е оставена долго време на нив. За да ја отстраните, измешајте еднакви делови оцет и вода и во него потопете мала крпа со која ќе ги отстраните белите траги.
  11. Полесно отстранување на дамките од пот, дезодоранси и стикови од облеката. Дамките од пот можат да ги уништат вашите блузи, а процесот на уништување може да биде забрзан ако употребувате антиперспиранти кои оставаат дамки. Решение за овој проблем е оцетот. Едноставно пред да ја перете маицата, испрскајте ја дамката со чист бел оцет и полесно ќе ја отстраните.
  12. Смирување на икавица. Не можете да престанете да икате? Голтнете една мала лажичка оцет.
  13. Посјајна коса и поздрав скалп. Во празно шише од шампон измешајте половина лажичка јаболков оцет и една шолја млака вода. Полејте ја косата со растворот по миењето со шампон. Повторувајте го истото неколку пати неделно. Оцетот го враќа сјајот на влакното и помага во борбата против непријатниот првут.
  14. Тонирање на кожата на лицето. Заменете го тоникот со раствор од природен јаболков оцет и вода во однос 1:2. Со памук нанесувајте на лицето навечер по миењето.
  15. Намалување на вишокот килограми. Природниот јаболков оцет е одличен сојузник во борбата со масните наслаги и вишокот килограми. Наутро, пред првиот оброк, пијте една чаша млака вода во која претходно сте раствориле една лажичка јаболков оцет и една лажичка мед.

Фемина.мк

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1